Новости

Прилеп инфо

Во Прилеп откриена реплика на орденот „Народен Херој“

Во холот на зградата на Општина Прилеп, на свечен начин денеска беше откриена репликата во мермерна плоча на орденот „Народен Херој“, што на 7. Мај 1975 година Претседателот на тогашната СФРЈ, Маршалот Јосип Броз Тито му го додели на Прилеп, а кој што подоцна беше украден.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски рече дека чувствува огромно задоволство што 25 години после изчезнувањето на орденот „Народен Херој“, ја има честа репликата на орденот да му ја предаде на директорот на НУ Завод и Музеј – Прилеп, Благоја Атанасоски, со цел од денес да ги краси просториите на Меморијалниот музеј „11.Октомври“.

– Тој атрибут што Прилеп со право го доби, како град на пркосот и град на непокорот, остана и понатаму. Сите треба да бидеме задоволни и горди од тоа што Прилеп го направи за време на антифашистичката револуција, но и затоа што и после ослободувањето Прилеп даде многу свои дејци во општественополитичкиот, културниот, економскиот и спортскиот живот. Прилеп и понатаму ќе биде присутен на сите полиња, затоа што го знаеме патот и сето она што треба да го направиме за остварување на целта, а тоа е влез на нашата држава во ЕУ и НАТО. Нека ни е вечен 11.Октомври и нека ни е вечен орденот „Народен Херој – изјави во во своето обраќање градоначалникот Јованоски.

Првиот човек на НУ Завод и Музеј, Благоја Атанаскоски, истакна дека најголемата заслуга што репликата на орденот ќе се најде во просториите на Меморијалниот музеј „11.Октомври“, ја има градоначалникот Јованоски.

Од името на Општинскиот одбор на Сојузот на борци и продолжувачи – Прилеп, претседателот Круме Соколски го поздрави чинот на откривање на репликата на орденот, кој што Прилеп го доби во далечната 1975 година.

„Прилеп заслужува еден ваков орден, затоа што Прилеп е револуционерен град, бунтовен и непокорен град, кој секогаш се борел против разните ропства кои биле присутни на оваа територија. Прилеп бил расадник на револуционери, на обласни раководители, а и раководители на ниво на државата. Ова нека биде вековито, бидејќи Прилеп заслужува ваква почит, и порано, и сега и во иднина – истакна Соколоски.

Историчарот Рубин Белчески, говореше за причините поади кои Прилеп го заслужи високото признание кое му го додели Претседателот на поранешната држава, Јосип Броз Тито. Тој рече дека е задоволство, но истовремено и одговорност да се зборува за историјата на Прилеп.

– Првиот востанички истрел кој бил испукан во Прилеп на 11.Октомври пред 77 години, не претставувал само симболичен чин, туку автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ да се истрае на балканската ветрометина, а во исто време да се биде на победничката страна, на страната на антифашистичката револуција, до последниот ден на победата над фашизмот. Прилеп во НОБ дал многу: 8.000 прилепчани биле учесници во НОБ, од кои 2.700 директно со оружје во рака. Прилеп даде и 650 жртви, 15 Народни херои, а 154 се носители на Партизанска споменица, меѓу кои и 33 жени. Во оваа прилика сакам да го потенцирам значењето и улогата на жената-борец, која рамо до рамо со мажите учествувала како во позадинските задачи, така и во борбените едници на НОВ на Македонија. За сето она што било направено, на 7. Мај 1975 година, Претседателот СФРЈ, Маршалот Јосип Броз Тито, на Прилеп му го доделил орденот Народен херој –  потенцираше во своето излагање, историчарот Рубин Белчески.

GOLD
SN Finansii
To Top