Новости

Прилеп инфо

Во мај ќе бидат готови конаците на манастискиот комплекс „Трескавец”

Во мај ќе бидат готови конаците на манастирот „Трескавец” кај Прилеп кои речиси шест години од опожарувањето се градат, информираат од прилепскиот „Завод и музеј”.

Според Благоја Атанасоски, директор на Музејот, фокусот годинава е на заштитата на културното наследство.

-Во мај, како што е и договорот со фирмата која ги изведува работите, конаците на „Трескавец” треба да бидат готови, обновени. Паралелно, два тима работат на истражувањата на живописот и на архитектурата на магерницата и трпезаријата во комплексот и се работи на нивна конзервација. Годинава се очекува тендерот за овие истражувачки работи да биде готов, рече Атанасоски.

Од Музејот признаваат дека претходниот проект за заштита и конзервација на споменикот „Илинден” во Крушево не е во ред и работат на нови проекти.

-На споменикот се работеше последниве две години. Ние презедовме други активности, зашто работите не се изведуваа како што треба. Сега работиме на нови проекти, на керамичкиот, бетонскиот и на витражниот дел. Тоа значи дека годинава нема да биде финална, но работите ќе продолжат барем уште две до три години, објаснува Атанасоски.

Кога станува збор за архитектонското наследство во Крушево, најголемиот број куќи се заштитено културно наследство. Годинава ќе се работи и на овој план.

-Освен тоа, ќе се препокрива црквата „Свети Никола” во мариовското село Манастир, ќе се работи на двете цркви во селото Зрзе, на селската и на манастирската црква. Годинава продолжуваат заштитините и конзерваторски истражувања на античкиот локалитет “Стибера” кој лани го откри ексклузивниот жртвеник, вели Атанасоски.

Прилепскиот музеј смета дека многу е постигнато во промоцијата на културното наследство кај младите генерации. Проектот „Музеите во училиштата, училиштата во музеите” одбележува десетгодишен јубилеј.

-Ова е еден од најуспешните проекти кога станува збор за презентацијата и приближувањето на културното наследство до новите генерации. Најмногу за едукацијата на младите за богатството кое го поседуваме. Интенција на Министерството за култура, уште од лани, е да се сврти вниманието кон заштитата и презентацијата на културното наследство. Освен тоа, официјално се вклучуваат големите артефакти и музеи со културното наследство да бидат дел од ученичките тури за екскурзија низ дражавата, вели Атанасоски. /МИА

GOLD
To Top