Новости

Прилеп инфо

Во прилепско над 60 пожари за неколку денови – итно да се преземат сериозни мерки

Со 60-ина пожари за неколку дена, алармантна е ситуацијата со полските и со шумските пожари во Прилепско, порачуваат од прилепската Противпожарна единица и од подружницата „Црн Бор“ на ЈП „Македонски шуми“.  Надлежните упатуваат дека мора да се преземаат сериозни мерки против палењето стрништа и подметнувањата пожари.

Виктор Стојчески, командир на Противпожарната единица од Прилеп вели дека не може да се стигне на сите места иако со натчовечки напори се прави тоа.

-Во просек дневно последниве денови има преку 20 пожари. Се справивме со сите пожари, со натчовечки сили и напори и со оние ресурси кои што ги имаме. Потребна е набавка на возила, посебно за на терен, за справување со шумските пожари. Нашите ресурси се ограничени. Деновиве најмногу шумски пожари имаше во реонот на селото Зрзе и на селото Стровија, па  потоа во селата Слепче, Кошино, Радобил, Царевиќ, вчера кај Дервен, односно во речиси целиот Пелагониски регион. Овој тип на пожари во овој период од годината е несфатлив, рече Стојчески.

Влатко Велески, раководител на прилепски „Црн Бор“, подружница на ЈП „Македонски шуми“ се согласува дека ситуацијата е алармантна и дека пожарите во шумите воглавно се пренесуваат со палењето стрништа.

-Точно е дека е алармантна ситуацијата со пожарите во овој период. Алармантно е и зашто, веројатно, свеста кај луѓето е уште на ниско ниво, посебно на земјоделците и сточарите кои мислат дека ќе имаат подобри услови за орање или за исхрана на стоката ако ги запалат стрништата. Само еден поглед да се „фрли“ на целото прилепско поле ќе се види дека на сите страни чади и има запалено оган. Со ветерот што дува овие денови сиот пожар од рамнините се пренесува во шумските делови. Проблемот е голем и сериозен, а и нашата екипираност не е силна. Работиме со мал број луѓе кои не може да одговорат секаде, изјави Велески.

Тој апелира да се преземат сериозни мерки за сторителите.

-Мора нешто да се преземе, посебно во контролата на овие палења на стрништата и на ливадите. Институциите треба да ги откриваат сторителите и да се преземаат санкции, зашто се прави ненадоместлива штета. Казнувањето е неблагодарно, но мора да се добие поука да не се уништува шумското богатство, нагласи Велески.

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор: 1тв

GOLD
To Top