Новости

Прилеп инфо

Илија Јованоски: Жените се изборија за своето место во општеството

По повод Меѓународниот ден на жената 8.Март, градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски и претставници на локалната самоуправа, денеска положија цвеќе пред споменикот „Жена борец“ во Паркот на револуцијата.

Во склоп на одбележување на денешниот празник, беше посетен и Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“. Градоначалникот Јованоски и претставници на општинскиот Совет и локалната самоуправа, на штитеничките на оваа институција им подарија цвеќе, а ученици од ООУ „Кире Гаврилоски“ за присутните приредија пригодна музичка програма.

Честитајќи им го празникот, градоначалникот Јованоски истакна дека вековната борба на жената за остварување на своите права, денес дава видливи резултати.

„Жените во општеството имаат свој статус, свое место. Денес кога имам социјална и економска рамноправност, имаме голем број на жени кои се менаџери и кои што се многу подобри во својата работа од претставниците на спротивниот пол. Денес работите се прилично сменети и се надевам дека во иднина родовата еднаквост се’ повеќе ќе доаѓа до израз“, рече во своето обраќање Јованоски.

Градоначалникот Илија Јованоски, пратеничката Кети Смилеска и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски присуствуваа и на прославата која по повод 8.Март ја организираше секцијата на жени при Здружението на пензионери од Прилеп.

Покрај градоначалникот Јованоски, на повеќе од 300 жени колку што присуствуваа на прославата, празникот им го честитаа и претседателот на Здружението на пензионери од Прилеп, Славе Трајкоски и Роза Василеска, претседател на Собранието на прилепските пензионери.

GOLD
To Top