Новости

Прилеп инфо

Локализиран пожарот кај Дабница, активни уште три во прилепско

Локализиран е големиот пожар кај прилепското село Дабница каде гореа борова шума, смрека и нискостеблеста шума. Во моментов во Прилепско има неколку активни пожари, информира екипата од противпожарната единица од Прилеп што денеска со часови е на терен околу селото Дабница. Според Горан Чурлиноски, водич на група пожарникари на терен, постоеше опасност за околните објекти.
– Пожарот моментално е локализиран. Тука изгоре борова шума. Пожарот беше доста потпомогнат од ветрот, нагло се ширеше. Единствено што успеавме да ги спасиме објектите во околината да не бидат загрозени. Изгореа неколку хектари со борова шума, смрека, трева, изјави Чурлиноски.
Во гаснењето на пожарот учествуваа и екипи од подружницата на „Македонски шуми, ЈП „Црн бор“ од Прилеп и од ЈП „Комуналец“. Пожарот е подметнат, а активни се уште барем три пожари.
-Пожарот е намерно подметнат и редно е службите темелно да испитаат. Ова се повторува од пред минатата година. Има повеќе активни пожари: во околината на селото Зрзе, кај селото Марул, има пожар кај селото Селце, имаше полски пожар кај патот од Лагово накај Галичани каде беа загрозени објекти. Ова е претерано. Забележано е дека на теренов кај селото Дабница е сечен борот, објаснува Чурлиноски на теренот околу прилепското село Дабница.
Раководителот на ЈП „Црн бор“, Влатко Велески вели дека ресурсите им сe ограничени, ветрот претставува проблем, а дел од пожарите се предизвикани од палење стрништа.
– Пожарот околу селото Зрзе е во рамничарскиот дел, очигледно поради палењето на стрништата и сe проширува во повисоките делови, рече Велески.
Противпожарната единица од Прилеп има дотраени теренски возила. Во добра состојба се само двете возила за интервенции во урбаната средина.
– Противпожарната единица е со дотраени возила. На овој терен не можеме да ги користиме новите возила кои се за урбана средина. Теренските возила „лада нива“ се од 1986, од 1990 година. Освен двете урбани возила, сите други се стари и дотраени. Колку што се пали, не можеме да сигнеме да изгаснеме, рече водичот на група, пожарникарот Горан Чурлиноски.
Додека пожарот кај селото Дабница беше ставен под контрола, почна да се извишува чад во блиската месност Зеленик пренесува сител. 
GOLD
To Top