Новости

Прилеп инфо

Над 320 натпреварувачи учествуваа на 11.Меѓународен турнир во џудо „Прилеп Град Херој 2019“

По повод Денот на народното востание 11.Октомври, денеска во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп, во организација на Џудо клубот „СЕИШИН“ се одржа 11.Меѓународен турнир во џудо за помлади пионери, пионери и кадети, „Прилеп Град Херој 2019“.

Повеќе од 320 учесници од 35 клубови од Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Косово и Македонија беа дел од овој репрезентативен спортски настан, на кој присуствуваа и неколку прославени светски имиња од џудо спортот: Проф.д-р Славко Обадов, Павле Буљчиќ и Чихи Јанош.

Во име на Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски, турнирот за отворен го прогласи претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски.

Талевски рече дека податокот што првите луѓе на Џудо федерацијата на Република Северна Македонија се прилепчани, зборува сам за себе дека Прилеп е град на џудото, град на спортот.

„Прилеп дал многу врвни спортисти кои го носеле дресот на нашата држава, го пренеле ширум светот името на нашиот град. Тоа е една од причините поради која ние, како локална власт, му придаваме посебно значење на спортот и на спортистите, кои отсекогаш биле најдобрите амбасадори на нашата земја. Тоа е особено важно денес, кога како држава се наоѓаме пред вратите на евроатлантските интеграции и кога за десетина денови, од седиштето на заедницата на европските народи, очекуваме убави вести. Почестен сум што денеска меѓу нас се наоѓаат неколкумина врвни и светски познати имиња од џудо спортот, поранешни џудисти, носители на медали од најголемите спортски натпреварувања: Олимписките игри, Светските и Европските првенства, Балканските и државните шампионати. Со посебен пиетет сакам да ги поздравам и да им се заблагодарам што нѐ почестија со своето присуство џудо асовите од светски калибар: Славко Обадов, Павле Буљчиќ и Чихи Јанош. Убеден сум дека меѓу денешните млади натпреварувачи, се кријат нивни вистински наследници, кои во скорешна иднина ќе постигнуваат резултати од највисок натпреварувачки ранг“, истакна претседателот на Советот на општина Прилеп, Миле Талевски.

„Повеќе пати имав можност да престојувам во Македонија, како натпреварувач или на семинари, но ова сега е посебно задоволство да можам да го набљудувам сето ваше знаење кое сте го стекнале од вашите тренери. Ви посакувам успешно натпреварување, најдобрите нека победат, а овој спортски настан да прерасне во уште поголема, помасовна и поубава манифестација“, им порача на натпреварувачите Проф.д-р Славко Обадов, мајстор на џудо 9 дан, освојувач на бројни медали од Олимписки, Светски, Европски, Балкански и Држави првенства.

„Сакам да ги поздравам ценетите гости и од името на холандско-македонската комора посакувам фер борби без повреди, како и големи успеси на џудо клубот ‘СЕИШИН’ и џудото воопшто“, изјави претставникот на холандско-македонската комора, Боб Смит.

11.Меѓународен турнир во џудо за помлади пионери, пионери и кадети, „Прилеп Град Херој 2019“, е дел од Програмата на Општина Прилеп за одбележување на 11.Октомври, Денот на народното востание.

GOLD
To Top