Новости

Прилеп инфо

На апарати прилепчанец по крвава тепачка поради разминување на улица

Се бори за живот прилепчанец кој беше претепан во саботата од група насилници на улицата „Тризла“ во Прилеп. Претепаниот прилепчанец се одржува во живот со помош на апарати и не е контактибилен. Второто повредено лице има набиеници по главата и телото. Тие завршија во болница откако четворица прилепчани ги нападнале со дрва и тупаници по расправија во врска со разминување на улицата.

Од основното јавно обвинителство денеска сопштија дека четворицата тепачи се под истрага за кривично дело насилство. За тројца од нив е определена и мерка притвор.

„Лицата се осомничени дека на 03.11.2018 година во Прилеп, во присуство на голем број граѓани, ја загрозиле сигурноста и нанеле тешки телесни повреди на двајца оштетени. По претходна вербална расправија помеѓу оштетените и еден од осомничените, тој телефонски ги повикал останатите осомничени и со патничко моторно возило марка „Лада” започнале да ги бараат оштетените низ градот. Откако ги пронашле, се симнале од возилото и се упатиле кон оштетените. Тројца од осомничените во рацете држеле дрва со должина од еден метар, додека еден во рацете имал нож со должина од 30 см. Сите четворица започнале да ги удираат оштетените лица по главата и телото. Со ваквите дејства осомничените во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопштија од обвинителството за четворицата тепачи кои се под истрага.

Од полицијата претходно соопштија дека во саботата во 16.30 часот во прилепската полициска станица 39-годишен прилепчанец со иницијали С.Б. пријавил дека попладнето на улица „Тризла“ тој, неговиот 41-годишен брат С.Б. и нивниот братучед А.О. физички биле нападнати од непознати лица. Со најтешки повреди се здобил 41-годишниот С.Б. кој завршил во болница.

Според обвинителството за тројца од осомничените постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и основан страв дека ќе ја попречуваат кривичната постапка и ќе влијаат врз сведоците. Поради тоа до судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп билдоставен Предлог за определување мерка притвор за овие лица.

GOLD
To Top