Новости

Прилеп инфо

Одбележани 116 години од раѓањето на Методија Андонов – Ченто

Денеска се навршија 116 години од раѓањето на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто. По тој повод, претставници на локалната самоуправа, Советот на Општина Прилеп, Сојузот на борци, политички партии и здруженија на граѓани, положија цвеќе и се поклонија пред споменикот на Ченто во центарот на Прилеп, оддавајќи му почит на заслужниот македонски деец.

„Денеска се навршуваат 116 години од раѓањето на една од најмаркантните личности во историјата на нашата земја, првиот Претседател, Методија Андонов Ченто. Со овој чин на положување свежо цвеќе од страна на различни претставници на нашето општествено живеење во Прилеп, оддаваме достојна почит кон неговиот лик и дело“, рече Елена Ташкоска, советник во Советот на Општина Прилеп.

Историчарот Рубин Белчески последниве години работи на проектот „Ченто биографија низ фотографија“, а минатата година ја промовираше изложбата на истата тема со која се претстави во речиси сите градови во нашата земја.

„Денеска сакам да го најавам новиот проект на кој работам во моментот, а тоа е ‘Фотомонографија’, во која ќе бидат собрани сите фотографии за Ченто, како и хронологија на настаните поврзани со неговиот лик и дело. Оваа значајна личност од историјата на македонскиот народ, целиот свој живот го помина во борба за самостојна и суверена РМ. ‘Фотомонографијата’ е влезена во програмата на Министерството за култура и во текот на овие неколку месеци ќе се заокружи ова дело, што ќе претставува круна во истражувањето за една од најзначајните личности во историјата на македонскиот народ“, посочи Белчески.

Методија Андонов – Ченто е роден на 17 август 1902 година во Прилеп, а починал во 1957 година. Во својата биографија бележи значајна политичка активност уште пред почетокот на Втората светска војна. За време на војната, во 1942 година е интерниран во логорот „Чучулигово“, во близина на Петрич, а по ослободување од интернација бил повикан од Главниот штаб на НОБ и ПОМ да се приклучи во Народно-ослободителната војна. По основањето на иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, на Првото Собрание на 2.Август 1944 година, тој е избран за негов Претседател.

GOLD
To Top