Новости

Прилеп инфо

Општина Прилеп и „Баги Комуникации“ едногласни: „Пивофест 2019“ беше успешна приказна

На задоволство на организаторите, учесниците и пред се’ посетителите, годинешното 17-то по ред издание на „Пивофест 2019“ може да се оцени како успешна приказна.

Тоа е констатацијата од денешната прес конференција, на која градоначалникот Илија Јованоски и Маја Бабиќ од „Баги Комуникации“, дадоа резиме на четиридневните случувања на фестивалот на пивото.

„Среќен сум и задоволен заради успешното завршување на годинешниот ‘Пивофест 2019’. Покрај главната бина, имавме уште 4 други алтернативни бини каде се одржуваа бројни настани. Граѓаните позитивно ги оценија новите моменти, што особено важи за случувањата во паркот кај Основниот суд каде се забавуваа најмладите, но и највозрасните. Во оваа прилика сакам да истакнам дека на барање на граѓаните, програмата која таму се одвиваше ќе продолжи да се одржува секој викенд. Освен тоа, како никогаш досега од 16 изведувачи на главната сцена, 10 беа од нашата држава, а од нив 6 од Прилеп, што ми е посебно драго“, истакна градоначалникот Јованоски.

Јованоски упати благодарност до сите институции кои беа вклучени во одржувањето на „Пивофест 2019“, а кои со својот ангажман дадоа придонес за целосната позитивна слика. Исто така, градоначалникот се повика на официјалните информации од Полициската станица во Прилеп, кои велат дека фестивалот поминал без ниту еден посериозен инцидент, што е од исклучителна важност. Голема беше улогата на јавните комунални претпријатија, на Управата за јавни приходи чии инспектори имаа максимално коректен однос, како и на ЈП за ПУП чиј нов концепт на организација на паркирање на возилата, се покажа како успешен. Истовремено, градоначалникот Јованоски им се заблагодари и на медиумите, за нивниот професионален однос и известување од „Пивофест 2019“.

Организаторите на фестивалот, „Баги Комуникации“ рекоа дека организирањето на една ваква манифестација бил голем предизвик за нив, а нивното долгогодишно искуство не им дозволило да се опуштат и да помислат дека „Пивофест“ може лесно да се организира.

„Во овие 4 денови пречекавме и испративме 171 артист, во организација, маркетинг, продукција, техника, обезбедување, работеа околу 560 луѓе. Кога на ова ќе се додадат и вработените од полицијата, Итната медицинска помош, противпожарната служба, се добива бројка од повеќе од 1.000 луѓе кои биле ангажирани на ‘Пивофест 2019’. Добив информација од полицијата дека од 2015 наваму, ова беше фестивал со најмал број на инциденти, од ЈП за ПУП дека во четирите денови во Прилеп влегле над 12.000 возила од другите градови, додека на организацијата на паркингот работеа 70 редари“, потенцираше Маја Бабиќ од „Баги Комуникации“.

На крајот, организаторите нагласија дека од особена важност е што за време на „Пивофест 2019“, Итната медицинска помош Територијалната противпожарна единица немале ниту една посериозна интервенција.

GOLD
To Top