Новости

Прилеп инфо

Прилеп со бројни манифестации го одбележува 11 Октомври

Со бројни манифестации Прилеп денеска и утре го одбележува празникот 11 Октомври – Денот на оруженото востание во НОБ и Револуцијата.

Во 11 часот во холот на општинската зграда на локалната самоуправа ќе биде поставена мермерна плоча со релјеф на орденот на Прилеп за град – народен херој. Релјефот е реплика на оригиналниот орден, кој од непознати причини пред 25 години е загубен и до ден денес не е пронајден.

Во чест на празникот напладне во центарот на градот ќе биде отворена манифестацијата „Денови на медот“. Во текот на денот, кај Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржува и крводарителска акција во организација на Црвениот крст од Прилеп. 

Традиционалните манифестации во пресрет на празникот почнуваат вечер. Од 18 часот во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на уметниците Катерина Деспот и Васка Сандева. Истовремено, пред меморијалниот музеј „11 Октомври“ ќе настапи групата „Д фоур“. Во чест на празникот од 19,15 часот, на свеченоста од пред меморијалниот музеј „11 Октомври“  за значењето на Празникот ќе говорат премиерот Зоран Заев и градоначалниците на Куманово Максим Димитриевски и на Прилеп, Илија Јованоски со што и официјално прв пат ќе биде означена заедничката прослава на празникот на двата града. Вечер нема да изостанат традиционалниот напад на градот како потсетување на виорните настани од 11 октомври во 1941 година.

Утре, на празникот, од изутрината, од 8.30 часот ќе им биде оддадена почит на загинатите борци, народни херои и дејци и на сите што ги дале своите животи во НОБ и Револуцијата. Делегации ќе положат свежи цвеќиња пред спомениците на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, на идеологот на НОБ и Револуцијата, Кузман Јосифоски Питу што се во центарот на Прилеп и на Могилата на непобедените, каде се моштите на 650 загинати борци од НОБ, како и пред бистите на народните херои.

Утре од 10 часот ќе се одржи и одбојкарски турнир на спортските ветерани во салата од средното училиште „Ѓорче Петров“, а од 13 часот, прв пат пред и во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи уличен фестивал насловен „Со Марко на улица“. 

GOLD
SN Finansii
To Top