Новости

Прилеп инфо

Со авто слаломот и мотокрос трката, завршија спортските натпревари по повод 11.Октомври во Прилеп

Во организација на АКК „Скопје“, а под покровителство на Општина Прилеп, денеска на булеварот „Гоце Делчев“ се одржа авто слалом натпреварот „Прилеп 11.Октомври 2019“.

Триесетина натпреварувачи во различни категории, се натпреваруваа на 1.250 метра долгата патека, која беше трета трка од Државното првенство на Македонија во автомобилизам во дисциплината авто слалом.

Автомобилистичкиот натпревар за отворен го прогласи градоначалникот Илија Јованоски, кој истакна дека Општината исто како и досега, и во иднина ќе ги поддржува ваквите натпревари кои го привлекуваат интересот на публиката.

„Прилеп секогаш ќе биде домаќин на вакви натпреварувања и спортски натпревари и секогаш ќе ги поддржува. Во оваа прилика им се заблагодарувам на организаторите на годинешната трета трка од Државното првенство и се надевам дека вакви и слични натпреварувања и во иднина ќе гледаме во Прилеп“, изјави градоначалникот Јованоски, прогласувајќи го натпреварот за отворен.

„На денешниот натпревар имаме триесетина возачи од повеќе градови во Македонија. Авто слаломот е нова дисциплина во македонскиот автомобилизам, каде освен тркачките активности, се работи и за безбедноста во сообраќајот, за безбедноста на публиката. Авто слаломот е техничка дисциплина која треба да се извози и најбрзо и технички најсигурно, по сите правила и прописи на светската федерација“, потенцираше првиот човек на АКК „Скопје“, Мојсије Милосавлевски.

Истовремено, на мотокрос арената „Лагово“, се одржа мотокрос трката „Stormriders 2019“, во организација на клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп.

Ова беше седма по ред мотокрос трка, која предизвика огромен интерес кај граѓаните на Прилеп, учество зедоа натпреварувачи од Македонија и Грција. На крајот на натпреварувањето, пехарите, дипломите и паричните награди на најдобрите им ги врачи градоначалникот Јованоски.

Непосредно до мотокрос арената „Лагово“, се одржа „Оф роуд шоу“, чиј организатор беше Оф роуд клубот од Прилеп, а со финансиска поддршка на Општина Прилеп.

На овој настан кој се организира по прв пат, екстремно тешката патека ја поминаа повеќе од 80 џипови. Шоуто беше со хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за лекување во Турција на малиот Дејан. Во акцијата со донирање средства се вклучија и градоначалникот Илија Јованоски, министрите Горан Сугарески и Оливер Спасовски, пратениците Кети Смилеска и Хари Локвенец и претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски. Освен што ги проследија сите три спортски натпревари кои по повод 11.Октомври се одржаа во Прилеп и во околината на с.Лагово, тие ја искористија можноста која им беше дадена и на останатите посетители, да ја поминат патеката како совозачи на професионалните возачи на џиповите.

GOLD
To Top