Новости

Прилеп инфо

Со кревање на ромското знаме, Општина Прилеп го одбележа Меѓународниот ден на Ромите

По повод Меѓународниот ден на Ромите, 8.Април денеска на јарболот пред зградата на Општина Прилеп беше подигнато ромското знаме. На свеченоста присуствуваа градоначалникот на Прилеп, претставници на јавниот живот, Советот на општина Прилеп и ромската заедница.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски истакна дека Општина Прилеп во континуитет прави заложби за целосно вклучување на граѓаните од ромската етничка заедница во општествените текови на современото живеење.

„Општината и целата заедница водат грижа за социо-економскиот аспект на граѓаните од ромската етничка заедница. Го почитуваме културното наследство и традицијата на нашите сограѓани Роми и ги негуваме хуманоста, еднаквоста, солидарноста и сето она што е неопходно за да живееме заедно и да создадеме подобар живот за сите наши сограѓани“, нагласи градоначалникот Јованоски.

Адем Мамудоски, член на општинскиот Совет рече дека кревањето на ромското знаме и одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите во кој се вклучија локалната самоуправа и Советот на општина Прилеп, е доказ за одличната соработка на Општина Прилеп и граѓаните од ромската етничка заедница.

„Им благодарам на градоначалникот Илија Јованоски и на претседателот на Совет Миле Талевски, што не’ удостоија со кревањето на ромското знаме и приемот по повод денешниот празник. Ние како ромска заедница, не треба да се препознаваме само на 8.Април. Овој ден не треба да го славиме само со музика, туку треба да докажеме дека и ние Ромите сме за еманципација, дека умееме да учествуваме во креирањето политики кои директно ќе влијаат врз интеграција и социјализација на целата ромска заедница“, изјави Киршан Мамудоски, претседател на урбаната заедница „Тризла 2“.

Градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на општинскиот Совет Миле Талевски и директорите на јавните претпријатија, остварија средба со граѓански здруженија, претставници на ромската заедница и на урбаната заедница „Тризла 2“. На средбата се разговараше за проблемите со кои се соочуваат Ромите од градот, како и за приоритетните проекти кои оваа година треба да бидат реализирани, со цел подобрување на секојдневното живеење на граѓаните од ромската етничка заедница.

Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април официјално е прогласен во 1990 година на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска. На конгресот претставници на Роми од 14 држави донесоа одлуки за знаме, химна, за прогласување на ромскиот јазик и за воведување на терминот Ром. На Првиот конгрес на Роми во Лондон во 1971 година, ромскиот јазик е деклариран како официјален јазик на сите Роми во светот.

GOLD
To Top