Новости

Прилеп инфо

Со целовечерен концерт одбележани 40 години постоење на домот на култура „Марко Цепенков“

Целовечерен концерт, изложба и роденденска торта доби прилепскиот Дом на културата „Марко Цепенков“ по повод 40-годишнината од функционирањето.

Прилепските уметници со концертот „Од Нас за Вас“ синоќа во големата сала од Домот, кој сега функционира како Центар за култура „Марко Цепенков“, ѝ го честитаа роденденот на оваа реномирана културна институција што на Прилеп и на македонската публика им дала бројни културни настани, грижејќи се за културниот живот и збогатувајќи го четири децении.

На концертот настапија танцовото студио Зодијак, пејачите Ана Митоска, Илија Белистојаноски и Катерина Попоска, театарот Чин 4 Сцена 5 изведе извадоци од две претстави, а се претставија октетот Прилеп, КУД „Моминок“ и „ DOUBLE STRINGS “.

На прославата присуствуваше и заменик министерот за култура Владимир Лазовски.

Прилепскиот дом на културата официјално беше отворен на 14 ноември 1979 година со претставата „Факел“ од Коце Солунски во чест на отворањето.

–Тешко е да се сублимираат сите активности – концерти, претстави, изложби, промоции што се реализирале во институцијата низ годините. Може со сигурност да тврдиме, и тоа гордо дека Центарот e вистински репрезент на културата и на уметноста, не само во градот и во Македонија, туку и пошироко, нагласила, в.д директорот, Марија Спиркоска Илијеска.

По повод годишнината, во изложбениот салон беше поставена рестроспективна изложба на дела од колонијата Дрен.

Од неговото отворање Домот на културата „Марко Цепенков“ ги поттикнувал аматерските дејности: фолклорот, сликарските школи, литературните, драмските и фото-клубовите. Во 90-те години во состав на Домот е и Културнопросветната заедница (КПЗ), Списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ и Центарот за современа ликовна уметност. Прераснува во Центар за Култура „Марко Цепенков“ со професионална и значајна издавачка, ликовно-галериска и сценско-музичка дејност. Во 2004 година го добива статусот Национална установа, во чиј состав до ден-денес е Народниот театар „Војдан Чернодрински“.

За својата репрезентативна културна дејност е добитник на највисоката награда „3 Ноември“ што ја доделува градот Прилеп.

GOLD
To Top