Новости

Прилеп инфо

ФОТО: Во Прилеп одбележан празникот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Со Божествена литургија, со која чиноначалствуваше Владиката Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски, денека во Прилеп, во црквата „Свети Кирил и Методиј“, или кај народот позната како Параклис, беше одбележан празникот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Нив Православната црква ги нарекува уште и рамноапостоли, поради огромното дело што го направиле со ширењето на христијанството преку создавањето на словенската азбука.

„Пораката од денешниот ден е да ги паметиме учителите, просветителите македонски и сесловенски Св. Кирил и Методиј и нивното слово што тие го проповедале. Тоа слово денека е стигнато до нас преку пишаниот збор и ние треба да го практикуваме, спроведеме и да се угледаме на нивниот живот. Денеска живееме во време на сеопшта криза, пред се морална криза, од која потоа произлегуваат сите останати кризи. Бидејќи светителите ни оставиле прекрасен пример на достојни луѓе, ни оставиле и аманет словото Божјо кое го проповедале и ние тоа да го правиме, ни оставиле во наследство просвета и писменост, а ние сме должни да ги продолжиме тие аманети. Доколку не се држиме до нивното слово и дела тогаш нема да можеме да очекуваме дека сме вистински православни христијани. Без нивната вера и слово нема иднина за нашиот живот и Татковина“, истакна Владиката Петар Митрополит Преспанско – Пелагониски.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој присуствуваше на Божествената литургија им го честиташе името на оние кои го празнуваат денешниот ден.

„Св. Кирил и Методиј се едни од најголемите светители на христијанството, најмногу на македонскиот народ, затоа на овој голем ден за нашата држава на сите православни христијани им го честитам празникот, им посакувам здравје, радост, љубов, успех и мудрост. На сите оние кои на овој ден го носат името Кирил и Методиј им го честитам името и нека е за многу години“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Инаку Св. Кирил и Методиј се родени во Солун. Постариот брат, Методиј, како воен офицер поминал десет години меѓу Македонските Словени, а потоа заминал да живее во еден манастир на планината Олимп каде и се замонашил.

Браќата прво биле испратени на мисија кај Хазарите да го проповедаат христијанството, каде го крстиле нивниот цар Каган и голем број припадници на Хазарите. Потоа по извесно време тие се враќаат во Цариград, денешен Истанбул, каде што ја составуваат словенската азбука од триесет и осум букви и започнуваат да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски јазик.

На повик од царот Ростислав одат во Моравија каде исто така ја распространиле православната вера. Ги умножиле преведените книги на словенски јазик и ги поделиле на свештениците.

Свети Кирил починал во Рим на 14 февруари 869 година. Тогаш Методиј се вратил во Моравија каде дејствува се до својата смрт на 6 април 885 година .

По смртта на Методиј неговите ученици, меѓу кои се и македонските светители Климент и Наум се спуштиле на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжиле да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Св. Кирил и Методиј.

GOLD
To Top