Новости

Прилеп инфо

ФОТО: Во Прилеп одбележан празникот посветен на Св. Константин и Елена

Со божествена литургија која се одржа во новоизградениот храм „Св. Константин и Елена“, кој се наоѓа во Типската населба во Прилеп, се одбележа денешниот голем христијански празник посветен на овие двајца светители. После литургијата домаќините на црковната слава го зарежија славскиот колач, а за сите верници беше изведен и водосвет.

„Многу сме среќни што сега тука имаме храм во нашата населба. Многу блиску ни е новоизградената црква, отворена е секогаш, можеме да дојдеме кога ќе посакаме. Денеска сме домаќини, има многу народ и сите заедно се молиме на Бога за мир, благосостојба за нашата фамилија и за целата наша држава“, рече Снежана Рајевиќ, домаќин на одбележувањето на денешниот празник.

„Им го честитам денешниот празник Св. Константин и Елена на сите верници, Господ да ги ислуша нивните желби и да даде Бог здравје и мир за сите“, кажа Гордана Тошеска, домаќин на одбележувањето на денешниот празник.

И идниот домаќин, кој се пријави за наредната година, на сите верници им посака многу здравје, успех и среќа.

„Честитки за празникот и ги поканувам сите верници идната година да дојдат тука во оваа црква за овој ден и сите заедно да се помолиме за мир и благосостојба во Македонија“, истакна Борче Макалоски, домаќин на славата за идната година.

На одбележувањето на денешниот ден присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој на сите празвославни верници им го честиташе денешниот ден и им посака многу здравје, среќа и успех во иднина.

„Денеска е преубав празник, Св. Константин и Елена, кој го одбележуваме во овој храм, кој го носи името на овие светители. Оваа црква е посетувана од многу верници, не само од жителите на оваа населба туку и од сите граѓани на Прилеп. Во оваа прилика на сите православни христијани им го честитам овој голем празник, а на оние кои го носат името на овој ден нека им е честит именденот. Ова е само еден од неколку храмови кои во последните неколку години се изградија во Прилеп. Тој беше првиот кој се изгради и освети. Потоа ја добивме црквата Света Петка во населбата Точила, се изгради црквата Св. Пантелејмон, која се наоѓа во кругот на општата болница и секако при крај е изградбата на црквата Св. Наум Охридски и се надевам дека за околу 2 месеци и таа ќе биде готова за осветување. Да напоменам и тоа дека доста се вложува и во другите црковни и манастирски објекти во нашата Општина. Се изградија за прв пат во историјата асфалтни патишта до манастирите Трескавец, Зрзе, Св. Димитрија во с. Селце како и до манастирот Св.Никола во село Манастир во Мариово. Исто така се изградија и нови конаци во манастирите Зрзе, Св. Архангел Михаил во населбата Варош, Св. Никола во Мариово, а моментално интензивно се градат новите конаци на манастирот Трескавец. Прилеп е еден од најтрадиционалните градови кои го негуваат православието, има доста верници и самата изградба на храмовите и нивната исполнетост со луѓе ги

оправдуваат овие инвестиции“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Инаку Св. Константин го издаде прочуениот Едикт, во Милано, во 313 година, со кој престана гонењето на христијаните. Тој откако ги победил Византијците, изградил прекрасна престолнина на Босфорот, којашто одтогаш се нарекува Константинопол, или денешен Истанбул.

Според учењето на православната црква Св. Константин ја осудил и ереста на Ариј и затоа го свикал и Првиот Вселенски Собор во Никеја, во 325 година. Овде се осудила таа ерест, а се утврдило Православието. Неговата мајка пак, царицата Света Елена, го посетила Ерусалим и го пронашла Чесниот Крст на кој бил распнат Исус Христос и на Голгота ја изградила црквата на Воскресението како и уште многу други цркви во Израел.

GOLD
To Top