Новости

Прилеп инфо

ФОТО: Донирани 44 болнички кревети во прилепската болница „Борка Талески“

Вкупно 44 електрични болнички кревети и дополнителна медицинска опрема доби градската болница „Борка Талески“ од Прилеп во рамки на хуманитарната донација од меѓународните организации „Пламен на Мирот“ од Виена Суверен болнички ред “Св. Јован од Ерусалим” (Sovereign Hospitaller Order of St. John of Jerusalem), Ротари клубот „Прилеп“ од Прилеп и Лајонс клубот „Вардар“ од Скопје.

Донацијата е вредна околу 40 илјади евра, а во име на болницата ја прими директорот Драган Богоески.

„Кревети недостасуваат секогаш и затоа оваа донација е многу корисна за нашата болница. Посебно во одделенијата каде што има потреба, со што пациентите ќе имаат можност да се наместат согласно одредена позиција. Станува збор за електрични болнички кревети“, рече д-р Богоески.

За градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, оваа хуманитарна акција ќе има најголеми ефекти за хоспитализираните пациенти.

„Раководството на болницата се соочува со низа проблеми и успева да обезбеди непречена работа и квалитетна здравствена заштита на пациентите. Условите во болницата сепак не се на посакуваното ниво. Оттука, значењето на донацијата е уште поголемо. Престојот на пациентите ќе им биде попријатен, хигиената ќе биде на повисоко ниво, а трошоците кои што биле планирани за оваа намена, раководниот тим ќе ги пренамени и за други приоритети. Организаторите на оваа хуманитарна донација се со години пријатели на прилепската болница. Затоа уште еднаш благодарам што во фокусот на нивните акции е секогаш прилепската болница, една од највиталните установи во градот“, рече градоначалникот на Прилеп, Јовановски.

Во име на меѓународната организација „Пламен на мирот“ се обрати претседателот Никола Блајбершник.

„Уште истиот момент, заедно со секретарот на локалната организација Пламен на мирот во Македонија, Жан Станоевски, одлучивме да се вклучиме во реализација на проектот преку нејзино прифаќање и транспорт до болницата во Прилеп. Притоа, добивме огромна помош од спонзори и помагатели за покривање на трошоците за успешно реализирање на целокупната операција“, рече Блајбершник при денешното доделување на креветите во градската болница.

Проектот за донирање на електрични болнички кревети почна уште во декември 2017 година, кога Суверениот болнички ред „Св. Јован од Ерусалим“ најавил дека има контингент користени болнички кревети од болница „Св. Џорџ“ од Лондон.

GOLD
To Top