Новости

Прилеп инфо

ФОТО: Започна второто Меѓународно рели со џипови „Macedonian Trophy“ во Прилеп

Утрово започна второто Меѓународно рели со џипови „Macedonian Trophy“во Прилеп.

Со собирање во центарот на градот околу 200 учесници од Бугарија, Србија, Грција, Косово, Албанија како и Македонија, се упатија кон официјалниот старт на полигонот за екстремни спортови кај прилепско Старо Лагово. Натпреварот по втор пат го организира клубот „Off Road Prilep“ под покровителство на Општина Прилеп.

На отворањето на Меѓународниот натпревар, Панче Чупаркоски, претседател на клубот „Off road Prilep“ истакна дека ова е единствена манифестација од ваков вид во Македонија и очекува натпреварувачите да поминат одлични екстремни трки денес и утре, да се дружат и да разменат искуства.

-Го започнавме македонското трофи, втор пат во нашава држава. Имаме околу 200 учесници. на полигонот за екствемни спортови е официјалниот старт и на денешните и на утрешните натпреварувања. Денеска се возат 30 километри преку селото Селце и месноста Шаторов Камен под селечка планина. Се вози по пат на книга која ја чита совозачот и имаме седум специјали и се надеваме ќе се остварат одлични времиња на поминување. Се вози во три категории: трофи, адвенчр и туристичка од кои најекстремна е трофи категоријата за која се потребни многу специјална опрема и умешност. Утре се вози затворена трка на полигонот кај Старо Лагово во должина од 4 километри. Овој вид натпреварување, единствено во Македонија, секако го вброи Прилеп во град на екстремните спортови, зашто ги има и други, а Македонија е на мапата на интересни туристички дестинации, рече Чупаркоски.

Манифестацијата ја има поддршката на Агенцијата за промоција на туризмот. Според Живка Цветкоска Андоновска од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија, авантуристичкиот туризам привлекува голем број посетители.

– Агенцијата ги поддржува на секаков начин екстремните спортови, бидејќи авантуристичкиот туризам е тренд во светот, а тоа и оди во прилог на Македонија бидејќи е оаза која ги нуди сите видови авантуристички туризам. Агенцијата ги поддржува и им дава можнос за развој на сите вакви анстани каков што е денес овој настан во Прилеп. Овие активности ќе ги промовираме на сите следни меѓународни саеми, а секако со соодветна програма со која може да конкурира, и оваа маниофестација може да добие финансиска поддршка. Инаку, ваквиот начин на туризам е многу подоходовен за Македонија, бидејќи, според истражувањата 74 насто од сите финансиски трошоци што ги прават туристите кај нас, остануваат кај локалното население што не е случај со масовниот туризам, вели Цветкоска Андоновска.

Голем дел од учесниците на натрпеварувањата беа и лани.  меѓу нив е и Станислав Велински од Бугарија.

– Од Софија доаѓаме. Лани многу ни се допадна како е организирано натпреварувањето, а секако возбудлив е и теренот. Ова е адреналиски спорт и токму затоа е привлечен, иако како хоби е скапо. За екстремни терени потребно е опремување на џипот со специјална опрема. Може да чини сето и до 10 000 евра. И годинава очекуваме големи возбудувања, вели Велински.

Александар Илоски е претседател на клубот „Off road“ од Охрид смета дека натпреварот е подигнат на високо професионално ниво.

-Ове натпреварувањето лани ни остави најдобар впечаток од сите на кои сме биле во државава и надвор од неа. професионална е органиџзацијата, дојдени сме со шест џипови од кои два ќе учествуваат во тешката, екстремна категорија на натпревари. Вака полека Македонија се препознава како дестинација и на вакви адреналински натпреварувања, вели Илоски.

Стефан Велимиров со својот совозач Миодраг Несторов доаѓа од Србија, од Зрењанин.

– Прв пат сме во Прилеп. Дојдовме за натпревар, но и за дружење и нвои искуства, вели Велимиров.

Натпреварувањата на второто по ред „Macedonian trophy“ утре продолжуваат на затворената трка на полигонот за екстремни спортови кај прилепско Старо Лагово.

Имено овој Меѓународен рели џип е спонзориран и од Осигурителниот СН Брокер А.Д Битола кој секогаш ги поддржува спортските настани во Македонија.

GOLD
To Top