Новости

Прилеп инфо

ФОТО: Започна првиот уличен фестивал “Со Марко на улица“ во Прилеп

Доцна синоќа пред ЦК “Марко Цепенков“ започна првиот тридневниот уличен фестивал „Со Марко на улица“. Ова е прв фестивал од ваков вид кој ќе понуди бројни содржини, а целта е да го реактуелизира културното и народното наследство, во овој случај на ликот на големиот собирач на народни умотворби и приказни Марко Цепенков.

“Го отвораме фестивалот „Со Марко на улица“. Ова е нов фестивал во Прилеп, но единствен со таква тематика во државата. Темата е реактуализација на културното и народното наследство преку современи уметнички, технички, иновативни технологии, како сликарски, така и информатички. Ги користиме сите модерни технологии за да успееме да го реактуелизираме, во случајов Марко Цепенков и да го претставиме како урбан херој на нашето секојдневие во 21-от век“ кажа Ѕвонко Димески организатор на фестивалот.

Фестивалот беше отворен со огнената претстава на групата „Агни“. Филип Мирчески од прилепската седумчлена група „Агни“ вели дека негуваат современи и необични перформанси и досега настапувале на уметнички фестивали надвор од државата. Огнената претстава им е прва и несекојдневна за Македонија.

“За овој уличен фестивал составивме претстава која, на некој начин, го претставува светлото што сите го имаме во нас и како тоа треба да се споделува наоколу, а не да се притиска во себе или да се краде од другите. Претставата е танц со оган и светлината се пренесува едни на други. Групата е составена пред седум месеци, а оваа точка е нашиот прв огнен театар. Досега сме настапувале на различни уметнички фестивали надвор од земјата, но ова ни е прв настап со огнен театар“ вели Мирчески.

До сабота, до кога ќе траат фестивалските денови, ќе има многу тематски содржини. Ќе има зумба часови, програми за деца, театарски работилници, работилница која ќе ја поврзи уметноста со технологијата, дневни кино претстави, студија за цртање мурали, концерти и студио за „боди пејнтинг“ коешто ќе се отвори во сабота во 20 часот.

GOLD
To Top