Новости

Прилеп инфо

ФОТО: Прилеп по 18-ти пат им оддаде почит на хероите од Карпалак

И после 18 години од трагичниот 8 август 2001 година, болката и тагата на прилепчани не згаснуваат. Свежи се сеќавањата на тој кобен ден, кога животот го загубија десет резервисти од Прилеп. Во нивна чест денеска се одржа панихида во црквата „Св. Петка“ на која присуствуваше и градоначалникот на Општина
Прилеп, Илија Јованоски, претседателот на Совет, Миле Талевски и советниците, семејствата на загинатите прилепски бранители како и нивни соборци.

Делегацијата рано наутро ги посети и вечните почивалишта на бранителите во градот и во населените места, а делегации од здруженијата на бранителите ја посетија и месноста Карпалак, каде на 8 август 2001 година се случи трагичниот настан.

Централната манифестација се одвиваше пред спомен обележјето „Карпалак“ во центарот на Прилеп, каде свежо цвеќе положија: делегација од Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски, делегација од Министерството за одбрана и Генералштаб на Армијата, предводена од заменичката на
Претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, делегација од кабинетот на Претседателот на Р. Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски, делегација од Собрание на Р. Северна Македонија, предводена од пратеничката Кети Смилеска, делегации од здруженија на борци од Прилеп и
Македонија, семејствата на загинатите бранители и политички партии.

„Овој дел од историјата ќе остане во нашата меморија и оваа храброст мора да се памети. Нема поголема болка од тоа да изгубиш најблизок и никој не може да ја донесе таа утеха. Не 18, 180 години да поминат вие и вашите идни поколенија секогаш ќе погледнувате во овој споменик, ќе си поставувате прашања, ќе се
сеќавате, ќе паметите и ќе жалите. Денес оваа нивна жртва, покажува колку на сите нас мора да ни бидат важни мирот и стабилноста“, истакна во својот говор министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

GOLD
To Top