Новости

Прилеп инфо

Шекеринска: Донесени се решенија за Еурокомпозит

Заменик претседателката на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска денеска во рамки на својата работна посета на Прилеп, го посети комбинатот Еурокомпозит за кој Владата неодамна донесе решенија и даде кратка изјава за медиумите којашто ви ја пренесуваме во целост.

„Нашата денешна посета на Еурокомпозит покажува дека ако се сака се може. Треба време, треба работа, треба консултации и многу разговори, но ако се сака може да се постигне резултат дури и со проблеми кои долги години се таложеле и никогаш не се решавале. Владата многу сериозно од прв момент пристапи кон решавање на проблемот со Еурокомпозит кој беше повеќегодишна агонија, не само за Прилеп туку пред се за вработените од компанијата.

Низ многу консултации со тимот, особено со синдикатите успеавме да најдеме решение со кое долгогодишна неправда ја решаваме. Законот кој Владата веќе го испрати во собраниска процедура значи дека Владата со наши средства ќе обезбеди покривање на повеќегодишни неисплатени придонеси кон вработените. На тој начин и дополнително ќе ја консолидираме фирмата и ќе овозможиме нејзино непречено функционирање и исполнување на обврските кон вработените. Сакам во име на Владата да се заблагодарам на претставниците на компанијата, на претставниците на вработените, на синдикатот. Знаеме дека не беше секогаш лесно да се верува дека ќе дојдеме до решение, се испекле сто пати меѓутоа чекор по чекор стигнавме до целта.

Законот којшто веќе е во собраниска процедура нема потреба од двотретинско мнозинство така што не очекувам негативни изненадувања, очекувам силна поддршка од Собранието и очекувам силна поддршка во решавањето на еден проблем кој во Прилеп хранел на времето 300 семејства и тоа е важна порака и за економијата, и за регионот, и за Прилеп. Како Влада покажуваме последната година дека членството во НАТО и идното членство во ЕУ навистина влијае на економијата. Зголемувањето на БДП, отворените работни места и особено зголемувањето на странските директни инвестиции кои уверени сме дека ќе бидат заинтересирани и за Еурокомпозит за понатамошна консолидација покажа дека со членството во НАТО им дадовме сигурност на потенцијални и сегашни домашни и странски инвеститори. Така ќе продолжиме и понатаму полека и трпеливо без лесно дадени ветувања, но тоа што ќе го преземеме како обврска ќе го реализираме.“

GOLD
To Top