Новости

Прилеп инфо

Алармантна состојба во Прилеп, градоначалникот обвинува дека позитивни пациенти се шетаат по улица

Ситуацијата во Прилеп е крајно загрижувачка и алармантна. Прилеп е втор град во Македонија според бројот на активни случаи, новозаразени, хоспитализирани и починати лица од Ковид-19. Според епидемиолозите ваквата состојба се должи пред се на новиот британски сој на вирусот, кој што е многу позаразлив, на тоа што голем дел од граѓаните ги кријат контактите, но исто така фрапантно е тоа што дел од нив иако се позитивни несовесно излегуваат и шетаат слободно низ градот.

„За тие кои се позитивни на Ковид-19 ако примаат терапија и користат дневна болница да не кореспондираат со граѓаните, да не шетаат по улица. Дури имаме такви информациии дека одат по аптеки и по лаборатории за да проверат некоии резултати. Мислам дека мора да се почитуваат овие правила, тоа е основа за да не се зголемува бројот на новозаболени“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Само минатата недела во Прилеп имало 407 нвои случаи на Ковид-19, а починале 20 граѓани. Во моментов во градот се активни 1030 случаи. Од почеток на пандемијата се заразиле вкупно 6.935 лица, а починале 327. Токму поради овие застрашувачки бројки Општина Прилеп останува на ставот Владата само за Прилеп да донесе мерка полицискиот час да започнува во 19, а не во 22 часот. Според градоначалникот Прилеп ќе биде можеби првиот град кој ќе стекне колективен имунитет.

„Се претпоставува дека бројката на вкупно заразени досега која е околу 7.000 е неколку пати поголема и ние први ќе бидиме или помеѓу првите градови кој ќе стекне колективен имунитет на Ковид 19. До крајот на летото би имале висок процент на заболени и заразени граѓани, граѓани кои се излекувани и го поминале Ковид 19“, додаде Јованоски.

Во Прилеп хоспитализирани се 112 граѓани, од кои 87 се на кислородна поддршка. Слободни има уште 18 кревети. Неделава треба да се пушти и модуларната болница, која ќе има капацитет за околу 35 пациенти пренесува Сител. 

GOLD
To Top