Новости

Прилеп инфо

Во Прилеп вакцинирани 500 возрасни граѓани, а стигнаа и нови дози

Над 500 повозрасни прилепчани веќе ја примија првата доза од вакцината Астра Зенека на пунктот во Здравствениот дом.

Досега се вакцинираа граѓаните над 77 години, а матичните веќе почнаа да им закажуваат термини и на граѓаните од 75- годишна возраст.

Според директорката на прилепската болница со општа надлежност, Кети Смилеска, од досегашните 900 вакцини, 500 дози се веќе дадени на граѓаните, а градот прими и дополнителни 200 вакцини. Интересот е околу 80 насто.

– На располагање беа вкупно 1 100 вакцини. Веќе 500 граѓани над 77 години се вакцинираа, нема никакви проблеми, ниту компликации. Се закажува за вакцинирање и на граѓаните од 75 години. Интересот е голем, околу 80 насто од закажаните термини се реализирани, вели Смилеска.

Матичниот лекар Нора Тасеска, претседател на Здружението на матичните лекари од Прилеп потврдува дека ажурно работат на термините за граѓаните од 75 години.

– Веќе им закажуваме термин за вакцинација, им се јавуваме на телефон за да ги известиме и да потврдиме за заинтересираноста. Одзивот е голем и препорачувам, а тоа е единствениот излез од пандемијата, сите да се вакцинираат, вакцините се безбедни, вели Тасеска.

Доктор Магдалена Самарџиоска која работи на вакциналниот пункт во Здравствениот дом нагласува дека процесот на имунизација се одвива непречено, без проблеми и компликации. Има мобилен тим кој ги вакцинира немоќните граѓани во нивниот дом.

– Имаме формирано мобилен тим кој еднаш неделно оди во домовите на немоќните лица и ги вакцинира. нема проблеми, ниту компликации, процесот се одвива непречено, потврдува доктор Самарџиоска.

На вакциналниот пункт во Здравствениот дом беше и пензионираната медицинска сестра Ѕвезда Велеска. Вели, работела на вакцинација на децата и многу добро знае што значи заштитата од заразните болести.

– Работев на вакцинација на децата, во заразното одделение во боолницата. Прво работев и на терен во Мариово. Пред 50-ина години, со џип одевме по селата да ги вакцинираме жителите. Немаше никаков проблем, ниту компликации и сите безрезервно беа за вакцинацијата. Еве, и сега им објаснувам на соседите: вакцинацијата нема никаква врска со крвниот притисок, со заболувањата. Таа е здравје, тоа се антитела да го штитат организмот. Затоа сите што побрзо да се вакцинираме, за да се спасиме, вели пензионираната 77-годишна медицинска сестра Ѕвезда Велеска.

Инаку, во прилепската болница малку е намален бројот на хоспитализирани. Сега се 124 пациенти во петте ковид-оддели и во модуларната болница. Но 104 пациенти се на кислородна поддршка. Од болницата се надеваат бројот на заразени постепено да почне да се намалува.

GOLD
To Top