Новости

Прилеп инфо

Во Прилеп се подготвува пунктот за масовна имунизација, епидемиолошката слика охрабрува

Од денеска почнаа подготовките на спортската сала на прилепското медицинско училиште „Ѓорче Петров“  за опремувањето за пункт за масовна имунизација на граѓаните за од 25 мај да почне масовната имунизација  во Прилеп. Опремувањето го презеде прилепската локална самоуправа.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, по состаноците со Кризниот штаб и со стопанствениците во подготовките учествува и прилепското стопанство.

– Се договоривме и од денеска почнува технички и инфраструктурно да се подготвува спортската сала на медицинското училиште за да се отвори пунктот за масовна имунизација во Прилеп. Цела недела ќе се работи на опремувањето а в сабота е последната пробна подготовка за од 25 мај да почне да работи, вели Јованоски.

Болницата го подготви медицинскиот кадар и дневно ќе се имунизираат преку 1000 граѓани. Го опфаќа регионот на соседните Долнени и Кривогаштани, како и Крушево, Македонски Брод и Пласница, објаснува Кети Смилеска, директорка на прилепската болница со општа надлежност.

– Ќе има 15 пункта и ќе се имунзира од 8 до 20 часот. Планот е дневно да се вакцинираат по 1000 до 1080 граѓани. Во прилепскиот пункт втора доза ќе добијат и граѓаните кои првата доза вакцина ја примија на пунктот во Битола, вели Смилеска.

Од понеделник во Здравствениот дом втората доза ќе ја примаат преку 2.200 повозрасни граѓани. Интересот за имунизација се зголемува.

Според Смилеска охрабрува моменталната епидемиолошка слика. Во прилепската болница се хоспитализирани 27 граѓани, што е најниска бројка во речиси една година.

– Планираме наредната недела да ги затвориме ковид-одделите на интерното и на одделението за уво, нос и грло. Активни остануваат инфективното и модуларната болница, објаснува Смилеска.

Во прилепската болница се внимателни за ситуацијата. Исчекуваат  што ќе покаже неодамнешното прославување на празниците и колкви реперкусии тоа ќе има пренесува сител.

GOLD
To Top