Новости

Прилеп инфо

Во сабота и недела, Прилеп ќе биде дел од најголемиот светски настан за женското здравје Race for the Cure

На 26 и 27 септември, Прилеп ќе биде дел од најголемиот светски настан за женското здравје Race for the Cure. Овој настан им помага на организациите за рак на дојка во Европа, да обезбедат средства и да ја подигнат јавната свест за оваа болест.

Оваа година, заради вонредните услови кои ги наметна пандемијата на Ковид-19, Race for the cure ќе се одржи во 14 градови во нашата држава.

Во Прилеп, здружението „БОРКА – За секој нов ден“ во партнерство со Општина Прилеп, во сабота на 26 септември со почеток во 11.00 часот, организираат тркачки маратон во Паркот на револуцијата, каде жени-поддржувачи од извидничкиот одред „Феникс“, AVON мacedonia zone 001, ориентациониот и спелеолошкиот клуб „Златоврв“ и спасителната служба „Златоврв“, ќе трчаат во чест на борците со рак на дојка.

Во недела, 27 септември со почеток во 11.00 часот, волонтери на „БОРКА“, заедно со вработени во локалната самоуправа и граѓанки на Општина Прилеп, ќе го одржат главниот настан, „Розовата прошетка“.

„Розовата прошетка“ ќе биде одржана со целосно запазување на мерките за заштита од коронавирус: користење на заштитни маски, дезинфекциони средства и одржување дистанца. После поздравното обраќање на градоначалникот Илија Јованоски, учесниците на настанот ќе ја изодат релацијата: плоштад „Методија Андонов – Ченто“ – Стара чаршија – кружен тек „Карпалак“ – булевар „Гоце Делчев“ – плоштад „Методија Андонов – Ченто“.

Учесниците на настанот ќе носат бели маици со мотив од Race for the cure и логото на Општина Прилеп, розови балони и пораки во знак на поддршка на заболените од рак на дојка, а сето ќе биде проследено со заедничко вклучување на платформа од сите градови низ Македонија.

Настанот е од хуманитарен карактер и покрај подигањето на јавната свест за ракот на дојка, има за цел собирање на финансиски средства. Со 500.000 ново дијагностицирани и 130.000 починати од рак на дојка во Европа на годишно ниво, како и над 1.200 нови случаи и повеќе од 400 починати само во нашата држава, средствата собрани од овој настан се од исклучително значење.

Во својата работа Здружението „БОРКА – За секој нов ден“ се фокусира кон поддршка на пациентите заболени од рак, пошироката јавност, јавните здравствени институции и невладиниот сектор, во нивните напори да спроведат активности кои ќе се спротистават на сите видови на рак.

Детали за трката може да прочитате на европската платформа www.raceforthecure.eu

GOLD
To Top