Новости

Прилеп инфо

Гласањето почна навреме во Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани

Точно во 7 часот изутринава е отворено 141-то избирачко место во Прилеп и гласањето почна непречено, потврдуваат од прилепската општинска изборна комисија. Денеска своето право на глас во Прилеп може да го остварат 63 436 избирачи. На избирачките места се појавија и првите гласачи за да гласаат на локалните избори.

За првпат идентитетот на избирачите се проверува со отпечаток од прст. Според претседателот на ОИК во Прилеп, Валентин Божиноски потребно е време да се воспостави отчитувањето на отпечатокот на прстот за потврдувањето на идентификацијата.

– Има на одредени места да не се отчита отпечатокот од прст. Тоа се решава со проверката на идентификацијата со лична карта и гласачот остава отпечатокот на избирачкиот список. Полека ги отстрануваме техничките застои и очекуваме непречено да се одвива, изјави Божиноски.

Слична ситуација потврдуваат и во општинските изборни комисии во Крушево, Долнени, и во Кривогаштани каде веќе почнува да се надминуваат со правилна и внимателна употреба на уредот. Гласањето започна точно навреме на сите избирачки места. Во Крушево се гласа на 23, во Долнени на 40, а во Кривогаштани на 13 избирачки места.

Во Прилеп граѓаните денеска се определуваат за еден од петтемина кандидати за градоначалник и за една од осумте советнички листи.

Вчера своето право на глас можеа да го искористат 389 болни и изнемоштени и 12 ковид-болни. Вчера гласаа и штитениците од прилепскиот Дом за стари лица „Киро Крстески -Платник“ и од 51 штитеник, своето право на глас го оствариле 42. Во затворот од 94, своето право на глас го оствариле 88 затвореници.

Евротип
Евротип
To Top