Новости

Прилеп инфо

За три дена вакцинирани 150 постари лица во Кичево, во Прилеп 327

Во изминатите три дена се вакцинирани 150 граѓани. Ако се одвива според зацртаната динамика, за 10 дена ќе бидат потрошени вкупно 500-те залихи од првата пратка на „Астра Зенека”.

– Интересот на граѓаните е исклучително висок и досега преку „Мој термин” се имаат пријавено околу 500 граѓани или целокупното количество од првата пратка на вакцини е резервирано за веќе пријавените граѓани. Дневно нашите екипи вакцинираат по 50 лица и планираме оваа динамика да ја запазиме докрајот на имунизацијата, вели доктор Џабир Бајрами, директор на Здраствениот дом во Кичево.

Тој информира дека од досега вакцинираните, само во еден случај се појавила лесно минлива алергија, проследена со црвенило, додека останатите пациенти одлично ја поднеле имунизацијата.

Најстариот граѓанин кој е вакциниран во Кичево има 92 години.

Во Прилеп за пет дена вакцинирани 327 возрасни граѓани

Вакцинацијата на возрасните граѓани во пунктот во Здравствениот дом во Прилеп се одвива непречено и без проблеми. За пет дена откако почна имунизацијата, се вакцинирани 327 граѓани над 77 години.

Според раководителот во Здравствениот дом, Оливера Аџиоска, нема проблеми, ниту пак компликации.

– Вакцинацијата се одвива непречено, нема проблеми ниту компликации. Процесот тече со закажувањето термин преку матичниот лекар, а потоа на пунктот нема никакви проблеми, вели Аџиоска.

Во Здравствениот дом е единствениот вакцинален пункт. Вакцинација чекаат и штитениците од Домот за стари и изнемоштени лица „Киро Крстески-Платник” каде од 115, за имунизација одамна се пријавиле 87 станари на Домот од кои 37 се над 75-годишна возраст.

-Очекуваме известување од Министерството за здравство, зашто се најавуваше дека ќе има вакцинален пункт. Штитенците се добро, во моментов немаме заболени и се надевам дека така ќе биде, вели директорот на Старскиот дом Мики Крстев.

Според последните информации, минатата недела се вакцинираа штитеници на Дом за стари лица во Скопје, а наредните денови и во другите домови во земјава. Ќе биде мобилен тим кој ќе доаѓа по работното време на пунктот за да ги вакцинира старите лица.

GOLD
To Top