Новости

Прилеп инфо

Матичните лекари во Прилеп бараат повеќе дози и термини за вакцини против сезонски грип

Во Прилеп почна вакцинацијата против сезонскиот грип. Вакцинацијата се врши од 14 до 20 часот, а така ќе продолжи и во наредниот период.

Ова, објаснуваат од прилепскиот Здравствен дом е поради безбедноста на граѓаните.

Граѓаните се задоволни и велат, нестрпливо чекаа да се вакцинираат и да се заштитат против сезонскиот грип.

– Седум години се вакцинирам. Имам проблем со нозете. Ми помага вакцината, лесно поминувам во зимата. Само со мало поткашлување. Им препорачувам на сите. Организацијата е добра, нема гужви, вели Борис Илиески.

Во посебен оддел во Здравствениот дом и со посебен влез, за безбедност на граѓаните, вчера и денеска попладне се вакцинираат околу 90 граѓани од петте групи кои се сметаат за ризични. Вакцинацијата почна непречено, вели доктор Василка Младеноска.

– Како за првпат што се врши вакцинација во Здравствениот дом и за прв ден, одлично се одвива вакцинацијата. Нема никакви проблеми. Се надевам и очекувам, а и да не се вознемируваат граѓаните, вакцини ќе има за сите, вели Младеноска која објасни дека од Министерството за здравство термините биле пуштени во средата околу 18 часот. Смета дека во наредниот период сите матичнни, ќе имаат можност да закажуваат.

За Прилеп се определени 690 бесплатни дози вакцина против сезонскиот грип. Од здружението на матичните лекари од Прилеп каде се 65 за градот, сметаат дека дозите се премалку според интересот и потребите на градот. Според претседателот на Здружението, доктор Нора Тасеска, се бара транспарентност во закажувањето термини зашто лекарите од претпладневните смени не можат да закажат.

– За Прилеп 690 дози вакцини се малку. Конкретно, јас како матичен лекар имам список од 90 пациенти кои побараа да бидат вакцинирани. Во Прилеп се 65 матични лекари, сигурно и колегите имаат најмалку по 30 до 40 пациенти кои сакаат и кои треба да се вакцинираат. Овие 690 вакцини се малку. Друго е што имаме проблем со закажувањето. Во средата, на пример, беа пуштени попладнето и сите колеги, матични лекари, кои беа прва смена не можеа да закажат термини. Бараме закажувањето за вакцинирање да биде потранспарентно. На пример, Министерството да каже на еден матичен лекар колку вакцини му следуваат. Очигледно дека дозите се лимитирани и дека сите што сакаат и им треба да се вакцинираат, не може да ги вакцинираме. Според ова излегува оној што може да закаже термин е добар, а оној што не може, не е добар матичен лекар, ни изјави Тасеска. И таа потврдува дека вакцинацијата почна непречено и организирано.

Од Министерството за здравство не информираа дека не се утврдени пропусти во закажувањето термини, а за Прилеп кон крајот на месецот ќе има дополнителни дози од бесплатната вакцина. Уверуваат дека вакцини има за сите.

-Вакцини има за сите. По спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип, не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација. Имено, се наоѓаме во период на вонредна здравствена состојба каде физичка и временска дистанца помеѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Од таа причина системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор. Секој петок од тековната недела се отвораат термините за вакцинација за наредната недела. Во првата пратка беа обезбедени 690 дози на вакцини, а при крајот на месецот се очекува дополнителна пратка да се обезбеди конкретно за Прилеп, информираат од одделението за односи со јавност од Министерството.

Што се однесува до комерцијалните вакцини, од Министерството велат дека Центрите за јавно здравје од сопствени средства набавуваат определени количества за комерцијална употреба. Сите Центри за јавно здравје имаат спроведено набавка која се очекува да се финализира до крајот на овој месец од вкупно 10.500 дози на вакцини кои ќе бидат распределени во 9 центри за јавно здравје, во кои спраѓа и Прилепскиот.

Инаку, лани во Прилеп се потрешени преку 2000 вакцини против сезонскиот грип.

GOLD
To Top