Новости

Прилеп инфо

Соседска ноќна патрола во Прилеп

При ноќешната „Соседска патрола“ на полицијата со родителите во Прилеп, во рамките на проектот „Безбедно лето“ полицијата во два угостителски објекта затекна пет малолетници кои консумирале алкохол.

По целосно документирање на случајот против одговорните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Во синоќешната мешана патрола по 22 часот беа посетени паркови, повеќе кафулиња, ноќни локали со цел да се види каде младите, особено малолетниците ги поминуваат вечерните часови, со кого и како.

Зоран Чеврески и Ангелка Баракоска, како дел од патролата, велат дека се потребни ваквите патроли и да ги има почесто.

– Со последните случувања во градот и пронаоѓањето дрога и криминалните дејства евидентно е поголемото полициско присуство. Тогаш не бев сигурен дека е голема безбедноста, но сега се стабилизира состојбата. Потребни се ваквите патроли за да се види каде и како децата го поминуваат времето во вечерните часови. При патролата не видовме некои големи девијантни појави и треба да ги нема. И ние родителите сме одговорни за однесувањето на нашите деца и треба да се знае што прават во вечерните часови, изјави Чеврески.

– Има места кои се безбедни, има други кои не се толку. Токму ваквите патроли се потребни и ги поздравувам како родител на 25-годишен млад човек, но и на 16-годишно дете, вели Баракоска.

Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола вели дека ваквите превентивни активности ќе продолжат и во наредниот период.

– Целта на ваквите активности е родителите на малолетниците да добијат претстава на какви ризици се изложени нивните деца и како да се препознаат и превенираат ризиците од вакви појави на девијантно однесување, вели Стаматова.

Евротип
SNBROKER
To Top