Новости

Прилеп инфо

11 ново заболени лица во Прилеп

“Денеска, одржавме седница на Општинскиот кризен штаб на која ја разгледавме актуелната состојба со коронавирусот во општина Прилеп.

Имаме 11 нови случаи на заразени граѓани со коронавирус, со што вкупниот број се искачи на 100. Во самоизолација се наоѓаат 422 лица, а во изминатото деноноќие, едно лице не го почитувало полицискиот час и против него е поднесена соодветна пријава.

После вклучувањето на припадниците на Армијата во асистенција на полицијата за одржување на редот и почитување на мерките за заштита од коронавирусот, констатиравме дека ситуацијата е подобрена.

Во најголем дел, решен е проблемот со гужвите пред банките, големите маркети, Градскиот пазар. Меѓутоа, се уште, се прават гужви пред маалските продавници во одредени населби во градот.

Уште еднаш, апелирам до сопствениците на дуќаните и до граѓаните да ги почитуваат мерките и препораките за одржување на физичко растојание од минимум два метра и на себе да носат заштитини маски.

Денеска, ќе се чистат сите улици во градот, а во текот на утрешниот ден и во сабота ќе се дезинфицираат сите улици, јавни површини, паркови, влезови на згради.

Општина Прилеп, обезбеди 60.000 заштитни маски, од кои голем дел ќе бидат поделени во текот утрешниот ден. Наши волонтери ќе бидат во сите делови на градот, и ќе им делат заштитини маски на граѓаните пред поголемите маркети, пиљарите, месарниците, Градскиот пазар, односно секаде онаму каде се очекува поголемо присуство на граѓаните.

Седете дома, а доколку е потребно од било кои причини да излезете од вашиот дом, носете заштитни маски и одржувајте физичко растојание.

На крај, почитувани граѓани, Христовото Воскресение – Велигден е празник над празниците. Празник на радоста и спокојот, ден кој ја празнува и слави победата на животот над смртта.

Периодот низ кој поминуваме, пандемијата на КОВИД-19, од нас бара да направиме се’ за да го заштитиме нашето здравје и здравјето и животите на нашите најсакани. Да докажеме дека воздржувањето и одговорноста можат да бидат најголемиот пријател на верата и на луѓето.

Искушенијата што нè снајдоа нека ни бидат за заврстување на верата и за духовно напредување.

Затоа, за овој Велигден, останете дома и од нашите домови да ги испратиме молитвите за здравје, среќа и бериќет на нашите блиски. Празнувањето на Христовото Воскресение да ни даде сила да се справиме со искушенијата пред кои сме исправени и следниот Велигден повторно да го славиме во храмовите ширум нашата татковина.”- стои во соопштението од Општина Прилеп.

GOLD
To Top