Новости

Регион

Во с. Брод откриен споменик за жртвите од Првата светска војна

Село Брод ,општина Новаци беше центар на одбележување на еден голем историски ден , 100 години од крајот на Првата светска војна каде што со пригодна свеченост беше одбележано примирјето од 11 ноември 1918 година и откриен споменикот во чест на загинатите војници и цивили во македонскиот (солунскиот) фронт.

Во присуство на амбасадори, воени атешеа, конзули, градоначалници, советници и директори на јавни претпријатија се одбележа овој значаен и историски ден и им се оддаде почит на сите загинати војници, на сите загинати цивили од тој воен период положувајќи свежо цвеќе на спомен обележјето кое е сведок на многубројните жртви и ужаси на територија на општина Новаци.

„Се собравме на овој голем историски ден токму во село Брод , свечено и заедно да го одбележиме примирјето од 11 ноември 1918 година и 100 години од крајот на Првата светска војна .По тој повод денес свечено го откривме и споменикот подигнат во знак на почит и сеќавање на сите загинати војници и воени цивили од тој воен период .Овој споменик го подигнавме да биде сведок на се она што се случувало пред сто години и сакаме да порачаме дека ние ќе градиме иднина во мир и порачуваме никогаш повеќе да не се повторат тие страдања. Во општина Новаци историјата испишала многу животни приказни , настани ,сведоштва кои покажуваат колку луѓето можат да бидат храбри и издржливи сред ужасите на една војна.Денес само се сеќаваме и не треба да дозволиме никогаш повеќе да не се повтори. Денес ни останува да градиме мостови меѓу народите , да воспоставуваме врски за економски напредок и просперитет.”-истакна градоначалникот Љубе Кузманоски .

Амбасадорот на Р.Франција Н.Е Кристијан Тимоние имаше свое обраќање пред многубројните гости посочувајќи дека Европа има потреба од пример каков што е Македонија зашто таа дава пример за помирување со сите свои соседи, изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на денешното откривање на споменикот.

„Со загриженост гледаме дека меѓународната заедница во овој момент минува низ одредени тешкотии. Треба да бидеме многу внимателни со предизвиците на иднината. Но, и историјата ни дава дополнителна врска за да го изградеме мирот заеднички, за помирувањето зашто вашата земја во овој момент дава еден пример за помирување со сите свои соседи, а ние имаме потреба од таков пример во Европа што значи имаме потреба од вас во Европа. Вашата земја не ја гледам повеќе онака растргната како што била пред сто години, туку ја гледам како еден составен дел и значаен чинител во меѓународната заедница”-истакна францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Во знак на почит кон жртвите и по повод 100 годишнината од завршувањето на Првата светска војна, бројни делегации положија свежо цвеќе на спомен обележјето .

Пред споменикот свежо цвеќе положија делегации од Франција, Русија, АРМ, Општините Битола, Новаци, Могила, Демир Хисар и други гости.

Повеќе од 70 милиони воени лица , вклучувајќи ги и 60 милиони Европејци, биле мобилизирани во една од најголемите војни во историјата. Повеќе од девет милиони борци и седум милиони цивили загинале како резултат на војната и геноцидот.Оваа војна била една од најсмртоносните конфликти во историјата , токму затоа на паднатите војници им ја кажуваме нашата почит и се поклонуваме на нивните вечни живеалишта , каде и да се, рече пред присутните градоначалникот на општината Новаци Љубе Кузмновски

Од 1915 до 1918 година од двете страни на Македонскиот фронт имало вкупно стационирани 1 200 000 војници ( еден милион и двесте илјади војници). Од сите делови на Македонија биле мобилизирани над 200 000 војници кои се нашле во кланицата од двете страни на фронтот.

GOLD
To Top