Новости

Регион

Идентификувана третата жртва на автобуската несреќа кај Лесковац, возачот во притвор

Идентификувана е и третата жртва во автобуската несреќа што вчера се случи кај Лесковац. Тоа е 63-годишната В.К од Кавадарци. Претходно беше утврден идентитетот на останатите две жртви, 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К и 68-годишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш.
Во Србија се уште се води истрага за сообраќајната несреќа, а возачот на автобусот со струшки регистарски таблички, е во притвор, јави дописникот на МИА од Белград.

Во несреќата се повредени 32 лица. Шестмина сериозно повредени лица по вчерашната трагична сообраќајна несреќа кај Лесковац се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш, а осум полесно повредени се на лекување во болницата во Лесковац.

 

Патниците кои патуваа од повеќе градови во Македонија за Виена со превозникот „Еуро бус“ од струшко Велешта, беа претежно македонски печалбари, а во моментот на несреќата сите спиеле.

Според сведоштвото на преживеаните, до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата и неприлогадената брзина на возачот на автобус од речиси 100 км. на час и можноста возачот да заспал.

Возачот на автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се превртел повеќепати. Благодарение на навремената интервенција од само половина час од несреќата на осум итни медицински возила од Ниш и Лесковац, на пожарникарите и случајни патници, кои испод автобусот ги извлекувале повредените, спречено е да дојде до поголема трагедија.

GOLD
To Top