Новости

Регион

Општина Могила го прослави 22-от роденден

Со настапи на Влатко Лозаноски, Наум Петрески и група Калабалак на платото пред општинската зграда, Општина Могила прослави 22. години од своето формирање.

Одбележувањето започна со полагање на цвеќе пред спомен обележјата на Димче Могилчето, Захарија Шумљанска, Парашкев Цветков и Иљо Лопатички, а продолжи со свечена седница на Советот на општината, а продолжи со културно – забавна вечер за сите граѓани на Општина Могила.

Вечерта, на свечената прослава во присуство на своите соработници, пријатели и сограѓани, градоначалникот на општината, Јасмина Гулевска им додели плакети и признанија за посебни заслуги на повеќе општествени институции, претпријатија и поединци.

Во категоријата спорт, плакета им беше доделена на ФК „Еден на еден“, плакета во категоријата култура му беше врачена на скулпторот Тони Николовски, додека пак за најуспешен земјоделец во категоријата земјоделство плакета му беше врачена на Горан Мрмачовски од село Могила.

За најуспешни мали и средни претпријатија, добитник на плакета е Борче Шекревски – ДООЕЛ „Кај Парчето“ од село Ивањевци, додека пак во категоријата Здружение на граѓани, плакета му се додели на Младинската организација – МОД од село Добрушево.

Општина Могила не ги изостави ни учениците. На предлог на училишните одбори плакети им беа доделени на 3 ученици од трите централни училишта во Општина Могила и парични награди по 3.000 денари. За ученик на генерацијата во ОУ „Гоце Делчев“ село Могила, беше избрана Стефани Ристова, во ОУ „Кочо Рацин“ од село Ивањевци за ученик на генерацијата беше прогласена Ангела Глигуровска, додека пак во ОУ „Браќа Миладиновци“ од село Добрушево, за ученик на генерацијата беше избран Николче Вашаревски.

За особени достигнувања во спортот, Општина Могила додели признија на Симар Исмаиловски, Андреј Груевски, Теодора Јанковска, Мелиса Салиевска и Марко Алчевски.

Оваа година Општина Могила изработи документарен филм за промоција на општината и промотивно видео во реализација на Креатив продукција од Битола, на кои што им беше врачена плакета за промоција на Општина Могила.

Признанието 12-ти септември за особен придонес во работата на Општина Могила, со едногласна одлука на Советот на Општина Могила и градоначалникот Јасмина Гулевска, му беше доделено на Томче Поповски, раководител на одделението за правни, општи работи и јавни дејности.

Во својот пригоден говор, градоначалничката Гулевска посочи на успешните проекти реализирани во тековната година.

„Во изминатиов период изградивме ново училиште во село Ношпал со кофинансирање на општината во вредност од 903.306 денари, се изгради Крак 3 од канализационата мрежа во Општина Могила во вредност од 399.920 денари, во моментов се извршуваат и сезонски градежни работи во сите населени места во Општина Могила, извшрена е набавка и транспорт на тампон во населените места во општината во вредност од 556.346 денар. Направена е техничка и проектна документација за канализациона мрежа во селата Добрушево и Ивањевци во износ од 645.147 денари. За реконструкција за улици во населени места обезбедени се средства од 2.077.843 денари од кои преку Бирото за регионален развој 1.200.000 денари и 877.000 денари од буџетот на Општина Могила. Со средства од Центарот за развој на пелагонискиот плански регион во тек е 4-та фаза за партнерно уредување на коритото на река Шемница во вредност од 2.710.921 денари.
2.900.000 денари се обезбедени од Министерство за животна средина за изградба и уредување на паркови во населените места Мусинци и Будаково.
Општината во изминатиот период даде помош на училиштата со училишен прибор и финансиски средства наменети за намалување на заостанатите обврски.
За социјална парична помош на физички лица општината исплати 181.821 денари.
Финансиска помош за здруженијата на граѓани, Општина Могила обезбеди 135.000 денари.“ – истакна Јасмина Гулевска, градоначалник на Општина Могила.

На крај, градоначалникот Гулевска ги повика граѓаните на општината без разлика на политичка припадност да земат активно учество во развојот на општината, за како што рече да се обезбеди квалитетен живот на граѓаните и да им се трасира патот кон европска иднина на идните поколенија.

GOLD
To Top