Новости

Регион

Општина Могила слави 22 години од своето постоење

По повод 22 години од формирањето на Општина Могила, градоначалникот на Општина Могила, Јасмина Гулевска, советниците и вработените од општина Могила заедно со вработените во ЈКП „Пела Хигиена“ и претседателите на месните заедници како и пензионерското друшво од општината положија и свежо цвеќе на спомениците Димче Могилчето, Захарија Шумљанска, Парашкев Цветков и Иљо Лопатички.

Општина Могила е формирана на 12.09.1996 година, со донесување на Законот за територијална поделба на Република Македонија.

Одбележувањето продолжи со пресекување на торта и одржување на свечена седница на Советот на Општина Могила.

„Општина Могила денеска слави 22 години од своето постоење. Како градоначалник на Општина Могила, морам да кажам дека нашата општина по 22 години од основањето е многу поблиску до европските стандарди.

Со почетокот на мојот мандат започнавме со инфраструктурни проекти за изградба на патишта, израмнување на полските патишта, нови краци за водовод и канализација. Економскиот развој на општина Могила и понатаму ќе продолжи со несмалено темпо, а со тоа и инвестициите во инфраструктурата и подобрувањето на условите за живот.
Како локална самоуправа на граѓаните ќе им понудиме поуспешна општина во која ќе се чувствуваат попријатно и ќе ги задоволуваат своите животни потреби поефикасно.

Почитувани сограѓани, нека е честит 12. септември – Денот на Општина Могила и Ве повикувам со заеднички сили и труд да придонесеме кон развојот и напредокот на нашата општина, а со тоа ќе придонесеме и кон европска интеграција на Македонија.“ – изјави Јасмина Гулевска, градоначалник на Општина Могила.

По повод 12. септември – Денот на Општина Могила, вечерва со почеток во 20.00 часот пред Платото на општинската зграда ќе се одржи свечена прослава на која што ќе настапат музичките ѕвезди Наум Петрески, Влатко Лозаноски и група Калабалак.

GOLD
To Top