Новости

Регион

Проект на УСАИД за зголемување на продуктивноста и конкурентноста кај фармерите

Во селото Радобор, Општина Могила, беше склучено партнерство за развој и воведување на интегрирана ветеринарна програма за ветеринарните клиники низ Македонија. Со потпишување на меморандум за соработка Здружението за рурален развој ЛАГ Агро Лидер, Ветеринарната комора на Македонија и Ветеринарниот факултет при универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје отпочнаа иницијатива преку која на македонските сточари ќе им се обезбедат нови локални услуги кои ќе ја зголемат нивната продуктивност и конкурентност. Една од овие услуги е професионален софтвер кој ќе служи за потребите на сите чинители на секторот –од сточари и ветеринари до млекари и општи клиники. Овој софтвер ќе ги содржи сите релевантни податоци за ветеринарните услуги и здравјето на животните на фармите, што е особено значајно за квалитетот на сточарските прехранбени производи и јавното здравје.

Во неговата изјава, Директорот на канцеларијата за развој на УСАИД, Едвард Гонзалез, рече „Ова ново партнерство за унапредување на ветеринарните услуги, продуктивноста на сточарството и квалитетот на храната е совршен пример за локална развојна иницијатива. Таа произлезе од заедничките предизвици кои многумина сточари ги идентификуваа и е дизајнирана да помогне во нивното решавање“.

Од 2013 година, УСАИД го поддржува формирањето на Локални акциски групи (ЛАГ-ови), кои се форма на јавни-приватни партнерства за искористување на локалните идеи и капацитети за рурален развој. ЛАГ Агро Лидер е пример за успешна Локална акциска група која веќе прерасна во локален центар за економски развој во Пелагонија.

„Општина Могила се наоѓа во пелагонискиот регион, примарна дејност е земјоделието, а секако тука не заостанува ниту сточарството. Од 180 активни фирми поголемиот дел се занимаваат со фармерска дејност. Веруваме и се надеваме дека ќе се воведат нови практики кај фармерите и дека ќе се зголеми конкуренциијата на пазарот“, Јасмина Гулевска, градоначалник на Могила.


„Во моментов имам 160 грла од кои сите се пуштени систем слободни, не се врзани со синџир кравите и има голем бенефит од сето тоа. Ако се работи според старите начини на чување на добитокот, прво е тешто, второ квалитетот е послаб така што мора да се осовременуваме ако сакаме да бидеме конкурентни“, рече Пеце Шамбевски, фармер од село Радобор.


„Заедно со комората ќе работиме во изработка на интегрирана ветеринарна програма која што ќе има за цел да го промовира концептот за ЕНО здравје, воведување на добри практики на исхрана на домашните животни, подобрување на генетииката и воведување на нов модел на заедничка соработка на фармерите се со цел меѓу себе да споделуваат знаење и искуства“, истакна Марина Тошеска, ЛАГ Агро Лидер.

Започнат во 2017 година, Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем цели кон зголемување на продуктивноста, приходите и работните места кај микро, малите и средните претпријатија во Македонија. Проектот соработува со бизнис асоцијации и комори, финансиски институции, тренинг центри како и компании кои сакаат да ги развијат своите синџири на добавување. ЛАГ Агро Лидер, како грантист на Проектот, нуди високо побарувани советодавни услуги во областа на ветерината, производството на сточна храна и хигиената на сточните фарми.

GOLD
To Top