На вчерашната  владина седница беше прифатена информацијата за доставен предлог меморандум за реализација на заеднички интегрирана интервенција во пограничниот регион помеѓу Република Грција и Република Македонија, односно за отворање на граничниот премин „Маркова нога“. Владата на Република Македонија го овласти министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, пред претстојната средба на Заедничкиот комитет за следење на програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција да реализира средба со членовите на комитетот со цел да ги запознае со позицијата на Владата на Република Македонија по предложениот предлог меморандум.

Отворањето на граничниот премин на територијата на населено место Лемос на територија на Република Грција, општина Преспа, се смета за значителна интервенција во насока на јакнење на врските меѓу двете земји, како и интервенција со сериозна развојна карактеристика која ќе донесе повеќекратни придобивки за животната средина, развој во областа на социјалата и економијата на заедничкиот пограничен регион, односно Охрид, Ресен, Кастори и Флорина. Со отворањето на граничниот премин со сите останати пропратни и неопходни проекти, односно патна поврзаност, објект на граничните служби, развој на резиденцијалниот дел на населеното место Лемос и мулти функционалниот регионален здравствен центар во општина Преспа, ќе се постигне регионален развој и создавање на компактна транс – национална развојна зона.