Новости

Регион

Примарна правна помош од МКЦ Битола и во општините Прилеп и Демир Хисар

 

Примарната правна помош, којашто Младински културен центар − Битола (МКЦ-Битола) од 2011 година континуирано и посветено ја обезбедува на социјално загрозените и маргинализираните граѓани во општините Битола, Могила, Новаци и поблиските рурални средини продолжува и во рамките на проектот „Правна помош и поддршка на граѓаните од формалната и неформалната економија во услови на криза“. Имено, воочувајќи ја реалната ситуација во државата предизвикана од корона вирусот КОВИД-19 увидовме дека се поголем е бројот на граѓани кои се погодени и се соочуваат со повредени или прекршени права. Оттука произлезе и реална потреба од проширување на нашите активности и обезбедување примарна правна помош на поголем број на граѓани, односно во општините Прилеп и Демир Хисар.

Три клучни активности во рамките на овој проект се:

1. Секојдневно обезбедување административна и правна (примарна) помош и поддршка на граѓаните од целните општини (нивно обезбедување со правни информации, правни совети кои опфаќаат начини и можности за решавање на нивните правни проблеми, насочување, помагање при составување на поднесоци до соодветните надлежни органи, како и обезбедување помош при пополнување на формулари, обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата, пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство, постапка за упис во матична книга на родени, стекнување со документи за лична идентификација и државјанство, составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република С. Македонија);

2. Вклучување во постапката за поднесување барање за секундарна правна помош за граѓаните кои имаат потреба од правна помош од адвокат за застапување во конкретна правна работа во сите степени на граѓански и управни постапки и управни спорови, а притоа не се во можност да ги платат трошоците на постапката заради нивната финансиска состојба. Ова значи задолжително исполнување на законски предвидените услови (месечен приход на барателот кој живее сам до износот на минималната нето плата исплатена во државата, а доколку живее во заедничко домаќинство, секој нареден член од домаќинството да не го надминува износот од 20% од минималната нето плата исплатена во државата, како и истите во сопственост да имаат само еден едностанбен објект или стан како посебен дел од зграда во кој живеат и едно регистрирано моторно возило чија работна зафатнина не е поголема од 1200 кубни сантиметри и една или повеќе физички поврзани катастарски парцели со вкупна површина не поголема од 300 м2 во град Скопје или 500 м2 во општините низ државата или 5000 м2 во рурални средини), пополнување на барањето и доставување на истото до подрачното Министерство за правда.

3. За граѓаните кои не исполнуваат услови за секундарна правна помош, а се наоѓаат во ситуација да имаат реална потреба за застапување и заштитување на некое нивно право во граѓански судски постапки, управни постапки и управни спорови, предвиден е фонд за застапување на истите од страна на овластени стручни лица.

Правото на пристап до правда е право кое треба да биде загарантирано за секој граѓанин, без никаква дискриминација. Од тие причини ги охрабруваме сите граѓани кои имаат правен проблем да се обратат во нашите канцеларии или на телефонскиот број 071 254 337 и да започнат постапка за заштита и остварување на нивните права.

Проектот „Правна помош и поддршка на граѓаните од формалната и неформалната економија во услови на криза“ ќе се спроведува со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество – Македонија во периодот од 01.07.2020 година до 30.06.2020 година.

GOLD
To Top