Новости

Свет

Амазонија гори, претседателот Болсонаро порачува: Не мешајте се во внатрешни работи

Додека критиките пристигнуваат од сите страни на светот за пожарите во Амазонија, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро изјави дека е можно земјоделците нелегално да подметнуваат шумски пожари, но рече дека странците не треба да се мешаат во внатрешните прашања на Бразил.

Францускиот претседател Емануел Макрон и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на „Твитер“ изразија загриженост поради тоа што пожарите во амазонската прашума достигнаа рекордно високо ниво годинава, уништувајќи широки шумски појаси кои се сметаат за еден од најважните бедеми против глобалното затоплување.

Макрон ги повика членките на Г7 да разговараат за овој проблем на претстојниот самит во Бијариц, во Франција, викендов.

„Нашата куќа е во пламен. Буквално. Гори Амазонија, градите на нашата планета која произиведуваат 20 отсто од кислородот. Ова е меѓународна криза. Членки на Г7, се гледаме за два дена кога ќе разговараме за овој проблем“, напиша францускиот претседател на Твитер.

За Болсонаро тоа е мешање.

Оние земји кои испраќаат пари тука не ги испраќаат од милосрдие… Тие ги испраќаат со цел да се мешаат во нашата независност – рече тој во преносот во живо на „Фејсбук“.

Но, претходно во четвртокот, бразилскиот претседател кажа дека земјата нема средства за контрола на пожарите.

Амазонија е поголема од Европа, како можете да се борите со пожар во такво подрачје? – ги запрашал тој новинарите по напуштањето на претседателската резиденција.

Немаме ресурси да го сториме тоа – констатирал Болсонаро.

Пожарите во Амазон се зголемени за 83 проценти оваа година во однос на истиот период лани, покажуваат официјалните податоци.

GOLD
To Top