Новости

Свет

Британците остануваат без Интернет доменот .еу

Европската комисија после повлекувањето на Велика Британија од Европската унија планира да ги поништи сите интернет адреси со домен .еу кој припаѓаат на британски регистранти, дознава Еуроактив. Тоа повлекување на адресите чии сопственици се британски компании или поединци ќе следува без оглед на тоа дали Британија ќе ја напушти Унијата со или без договор, и би можело да примора илјадници интернет страници да почнат од нула.

Покрај поништувањето на постоечките, физичките и правните лица со седиште во Велика Британија веќе нема да имаат право своите адреси на интернет да ги регистрираат со доменот .еу.

Последиците од повлекувањето ќе бидат далекусежни. Сите адреси на кои ќе се однесува тоа ќе исчезнат од интернет во рок од 48 часа по поништувањето на адресата.

Исто така би можело да биде нарушено и испраќањето електронска пошта, затоа што ДНС системот кој го претвора името на компјутерот во нумеричка ИП адреса, воедно ги насочува и пораките. Проблеми би можело да има и со безбедносните сертификати кои овозможуваат безбедна онлајн комуникација, а исто така се врзани за интернет домен.

Еуроактив во разговор со еден експерт дозна дека би можеле да бидат поништени околу 250 илјади адреси со домен .еу кои се поврзани со британски сопственици.

Сепак доколку ЕУ и Велика Британија постигнат формален договор за Брегзит, повлекувањето на доменот би почнало од 1 јануари 2021 година.

– Промените ќе имаат огромни последици. Тоа ќе се одрази на економските активности на британските .еу компании затоа што тие, поврзано со пребарувачите, вложиле многу време за да го кренат својот ранг со сегашното име, изјави соговорникот на Еуроактив додавајќи дека тие ќе мора да почнат од нула.

Европската комисија уште во март 2018 година ги извести заинтересираните страни дека постои можност од поништување на .еу доменот за британските регистранти.

– Иако останува предмет на некаков преоден договор кој би можел да биде составен дел од евентуалниот договор за повлекувањето (на Велика Британија), регулаторната рамка на ЕУ за .еу Највисокиот интернет домен (ТЛД) од датумот на излез веќе нема да важи за Обединетото кралство, наведе тогаш Комисијата.

После тоа соопштение на Европската комисија бројот на .еу домени регистрирани во Велика Британија нагло падна за околу сто илјади.

Корисниците се уште тапкаат во темница за потенцијалните комплексни последици од можното поништување на останатите 250 илјади домени, но нивната најголема надеж е дека Европската комисија ќе предолжи некаков транзициски договор кој би им дозволил на компаниите и поединците што подобро и побезболно да го направат преминувањето од доменот .еу.

Во Унијата во тек се преговори за евентуални преодни моделитети кои би требало да бидат финализирани наскоро.

Во Генералниот директорат на комисијата задолжен за повлекување на доменот не сакаа да ја коментираат ситуацијата.

GOLD
To Top