Новости

Свет

Германија од март со илјадници евра ќе ги казнува родителите што не си ги вакцинираат децата

Германските родители што нема да ги вакцинираат своите деца против сипаници ќе се соочат со казни од илјадници евра според законот донесен кон средината на ноември.

Според законот, кој ќе стапи во сила во март 2020 година, сите деца што сакаат да бидат запишани во градинка мора да дадат доказ за вакцинираност, како и сите деца од 6 години и постари, од кои законски се бара да одат на училиште.

Новиот закон доаѓа откако здравствените власти соопштија дека оваа година имало повеќе од 500 случаи на сипаници, дел од еден поширок тренд на враќање на заболувањето во делови од светот каде што некогаш беше искоренето, а главна причина за тоа е што родителите не си ги вакцинираат децата.

„Моето сфаќање за слободата не запира на моето ниво како индивидуа“, рече германскиот министер за здравство Јенс Спан. „Проблем е и тоа дали непотребно ги доведувам другите во ризик“.

„Слободата значи и дека јас нема да бидам непотребно изложен на ризик и токму затоа, од гледна точка на зачувување на слободата, овој закон е добар закон, затоа што ги штити слободата и здравјето“, додаде тој.

Со законот исто така ќе се бара имунизација за сите возрасни родени по 1970 година што работат со деца во дневни центри, училишта, болници или други јавни установи, со исклучоци дозволени само од медицински причини одобрени од лекар.

Според законот, постарите деца што веќе се запишани на училиште до 31 јули 2021 година ќе мора да го докажат својот статус на вакцинираност, а јавните институции ќе мора да ги пријавуваат кај локалните здравствени власти родителите што одбиваат да ги вакцинираат своите деца.

GOLD
To Top