Новости

Свет

За време на епидемијата на Ковид-19, ирскиот премиер повторно ќе работи како лекар

Ирскиот премиер Лео Варадкар, кој е лекар по професија, повторно се пријавил за медицинска пракса и ќе работи една смена неделно за време на епидемија на коронавирус, соопшти денеска портпаролот на владиниот кабинет.

Варадкар работеше како лекар седум години пред да ја напушти професијата и да влезе во политика, по што во 2013 година беше избришан од медицинскиот регистар.

Во март, министерот за здравство Симон Харис ги повика медицинските лица да се пријават и да му помогнат на здравствениот систем на земјата во борбата против коронавирусот, со порака: „На Вашата земја сте потребни“. Илјадници медицински лица се пријавиле за да помигнат.

Според „Ајриш Тајмс“, Варадкар повторно се пријавил во март кога почна кризата и ќе работи во Јавната здравствена служба (ХСЕ), каде телефонски ќе контактира со луѓе кои мислат дека го имаат вирусот и ќе изнесува проценка за нивната состојба.

Ирскиот премиер потекнува од лекарско семејство. Татко му бил лекар, мајка му медицинска сестра, а уште неколку челнови од неговото семејство работат во здравство.

МИА

GOLD
To Top