Новости

Свет

Климатски промени: Последните четири години „глобално најтопли”

Тековната, 2018 година е на пат да стане четвртата најтопла во историјата, предупредува Светската метеоролошка организација (СМО), објави Би-Би-Си – Лондон.

Таа организација наведува дека просечната глобална температура во првите 10 месеци од оваа година била за еден Целзиусов степен повисока отколку во периодот од 1850 до 1900 година.

Климатскиот извештај наведува дека во последните 22 години имало 20 најтопли, а годините од 2015 до 2018 година се четирите најтопли досега.

Светската метеоролошка организација наведува дека ако трендот продолжи, до 2100 година може да се појават температури повисоки зад три до пет степени Целзиусови.

Податокот дека во 2018 година е забележано зголемување на температурата за 0,98 степени беше потврдено со пет независни извори на податоци.

Светската метеоролошка организација вели дека еден од факторите што ја направија 2018 година малку постудена од минатата година, е природниот временски феномен „Ла Ниња“, која може да ја намали температурата на површината на океаните.

Се очекува, сепак, дека следната година, уште еден природен феномен – „Ел Нињо” – би можел да ја направи 2019 година уште потопла од 2018 година.

Феноменот на Ел Нињо природно ја зголемува температурата на водата во централниот и источен Пацифик, а ефектите од тоа затоплување се чувствуваат низ целиот свет.

Метеоролозите очекуваат дека следниот Ел Нињо ќе се појави на почетокот од 2019 година и иако веруваат дека ќе биде слаб, и тоа би можело да биде доволно за следната година повторно да биде рекордно топла.

Без оглед на тоа какво е влијанието на овие феномени, научниците велат дека долгорочниот тренд на затоплување продолжува и во 2018 година и дека нивото на морињата се зголемува бидејќи глечерите се топат, и оти сите тие примери укажуваат на климатски промени.

– Концентрацијата на емисиите на стакленички гасови повторно се на рекордно ниво, а ако сегашниот тренд продолжи, до крајот на овој век ние ќе треба да се соочиме со зголемување на температурата за три до пет степени, изјави генералниот секретар на СМО Петар Талес.

– Важно е уште еднаш да повториме дека ние сме првата генерација која целосно ги разбра климатските промени и последната генерација која може да направи нешто, додава тој.

Во извештајот на таа организација се наведува дека во текот на поголемиот дел од изминатата деценија, и тоа во периодот 2009-2018, просечниот пораст на температурата бил 0.93 Целзиусови степени над прединдустриската основа, односно во однос на периодот помеѓу 1850 и 1900 година. Во изминатите пет години, просечниот раст е 1,04 степени.

– Ова се повеќе од бројки, вели Елена Маненкова, заменик генерален секретар на Светската метеоролошка организација.

– Секој дел од степенот на затоплување влијае врз здравјето на луѓето, достапноста на храна и свежа вода, изумирање на животните и растенијата, опстанокот на коралите и морето.

Тоа влијае на продуктивноста на економијата, безбедноста на храната, еластичноста на инфраструктурата и градовите. Тоа влијае на брзината на топење на глечерите и снабдувањето со вода, како и иднината на островите и крајбрежните заедници. Секое делче е важно, појаснува таа.

Извештајот на СМО укажува на некои од најважните настани од 2018 година.

– Во индиската држава Керала, повеќе од пет милиони луѓе биле погодени од поплави.

– Стотици илјади луѓе настрадаа во поплавите во Јапонија.

– Топлотниот бран во поголемиот дел од Европа доведе до бројни шумски пожари, вклучувајќи ги и оние што ја погодија Скандинавија.

– Во јули и август рекордно високи температури го погодија северниот дел на Арктикот. Хелсинки имаше 25 последователни денови со температура над 25 степени.

– Големи пожари во ноември беа регистрирани во САД, со најголем број жртви во овој век.

– И Грција, исто така, се соочи со фатални пожари, додека во Британска Колумбија е соборен рекордот за број на пожари во сезоната.

Научниците кои го подготвија извештајот велат дека влијанието на климатските промени сега може јасно да се види.

– На глобално ниво е јасно колку загревањето е предизвикано од овие емисии на стакленички гасови, вели професорот Тим ​​Озборн од Универзитетот во Источна Англија, кој обезбедил некои од податоците користени во анализата.

Извор: МИА

GOLD
To Top