Новости

Свет

Сириски тинејџер се грижи за своето шестчлено семејство со надеж за подобро утре

Принуден да расте без шанса да ужива во своето детство, 14-годишниот Мухамад Зајдави се грижи за своето семејство во Сирија која е зафатена со војна.

Зајдави живеел во градот Дума, десетици километри североисточно од Дамаск, пред тој и неговото семејство да бидат принудени да побегнат кога се зголемија воените активности.

„Во Дума учевме. Мојот татко е повреден, а ние сме евакуирани во Ал Баб“, изјави Зајдави за Anadolu Agency (AA).

Близок семеен пријател, кој исто така беше принуден да ја напушти Дума, го ангажираше момчето во својата работилница да му помага.

„Мојот татко не може да работи, па барав работа. Пријател на мојот татко поправа возила. Татко ми разговараше со него, па почнав таму да работам. Од куќата заминувам во 9:00 наутро, а се враќам во 22:00 часот. Понекогаш одам сам дома, а понекогаш ме вози шефот“, вели Зајдави.

Додека судирите, раселувањето и насилството станаа секојдневен дел од животот во Сирија, многу деца беа принудени да ја преземат улогата на лице кое се грижи за семејството.

„Кога излегувам наутро, ги гледам дечињата на моја возраст кои одат во училиште се сеќавам на времето кога одев во училиште и сакам војната да заврши. Се надевам дека мојот татко ќе оздрави и дека ќе се вратам во училиште.“

Зајдави се грижи за своето шестчлено семејство, што не е ниту малку лесна задача за 14-годишно момче.

„Работам за да заработам пари. Се обидувам да ги задоволам потребите на моето семејство. Свесен сум дека носам огромен товар. Иако тој товар е претежок за мене, бидејќи јас сум дете, морам да издржам“, вели Зајдави.

Тој додава дека нема да го заборави воздушниот напад на кој сведочел во својот роден град.

„Тој настан не ми излегува од умот. Во Дума имаше продавница во која во еден период го поминував моето време. Наиде авион, а потоа се слушна експлозија. Излеговме и видовме чад. Мислев дека е погоден нашиот дом, но дознав дека се погодени моите соседи. Целото мое семејство отрча до соседите, каде што видовме повредена жена“, раскажа Зајдави.

Иако расте во земја зафатена со војна и нема безгрижно детство, Зајдави, како и секое дете, има свои соништа.

„Мојот сон е да пораснам и да станам инженер, како мојот чичко. Но поради условите во кои живеам, не можев да учам. Дојдовме овде, работам за тој човек. Го молам Алах да го научам овој занает многу добро за да можам да отворам моја работилница“, рече Зајдави.

Сирија е заробена во граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога режимот на Асад се судри со учесниците на демократските протести. Според податоците на Обединетите нации (ОН), стотици илјади луѓе оттогаш се убиени, а повеќе од 10 милиони се раселени.

Како што се продолжуваат судирите, така децата се сѐ повеќе погодени, не само поради она на кое сведочат, туку и поради лошите услови во кои живеат. Според извештајот на УНИЦЕФ од 2018 година, околу 5,6 милиони сириски деца биле погодени во судирите, а повеќе од 2,1 милион го напуштиле школувањето, додека некои од нив никогаш не виделе како изгледа училница.

Извор: Anadolu Agency (AA)

GOLD
To Top