Новости

Свет

Хилари Клинтон нема намера да се кандидира на нови избори

Поранешната државна секретарка и противкандидатка на Доналд Трамп на последните претседателски избори во САД, Хилари Клинтон, за прв пат во понеделникот ја отфрли можноста да се кандидира на изборите во 2020 година, во интервју за локалната њујоршка телевизија „Њуз 12“.

„Нема да се кандидирам, но јас ќе продолжам да говорам и да го бранам она во кое верувам“, рече Клинтон, која загуби во 2016 година на претседателските избори од актуелниот претседател, републиканецот Доналд Трамп.

„Не одам никаде. Она што е во игра во нашата земја, она што се случува во овој момент, длабоко ме вознемирува“, кажа поранешната државна секретарка (2009-2013).

Клинтон веќе се сретна со демократите кои имаат намера да се натпреваруваат за Белата куќа 2020.

„На секој од нив им кажав да не земаат ништо како готово, иако имаме долга листа на вистински проблеми и ветувања кои оваа администрација не ги исполни, кои треба да се истакнат“, објасни Клинтон.

Запрашана дали има намера да врши нови јавни функции, таа не сакаше јасно да ја исклучи таквата можност.

„Мислам дека не, но ми се допаѓа да живеам во Њујорк и јас сум крајно благодарна што имав можност да бидам сенатор осум години и да работам со луѓе од сите краеви на земјата“, изјави поранешната њујоршка сенаторка.

GOLD
To Top