Новости

Свет

Хонгконг: Пратениците од опозицијата исфрлени од парламентот

Двапати премиерката на Хонконг, Кери Лам се обиде да ја поднесе владината изјава пред пратениците – залудно. Дел од продемократските парламентарци ја попречуваа со довикувања а други пак гласно се смееја. Откако гласно реагираа и истакнаа пароли, 11 членови на опозицијата беа отстранети од салата од обезбедување, објави Би-Би-Си.

Претходно, лидерката Лам беше принудена да го суспендира нејзиното годишно обраќање откако на сличен начин беше прекинувана од опозицијата. Затоа, таа вчера своето обраќање го одржа преку видео врска.

Во Хонгконг се одржуваат масовни анти-владини протести, предизвикани од контроверзен закон за екстрадиција во Кина. Опозицијата има мало малцинство во парламентот на поранешната британска колонија, но успеваа повеќе пати да го прекинат говорот на лидерката.

Дел од исфрлените пратеници држеа бело цвеќе во знак на солидарност со луѓето кои беа повредени во демонстрациите. Дел од пратениците, кои принудно беа исфрлени од парламентот гласно бараа оставка од Кери Лам.
Од почнувањето на протестите, демонстрантите ги зголемија своите барања и освен повлекувањето на законот, тие имаат и други барања.

Освен повлекувањето на Законот за екстрадиција, тие бараат протестите да не бидат карактеризирани како „немири“, амнестија за уапсените активисти, независна истрага за наводната полициска бруталност и имплементација на целосно универзално право на глас.

GOLD
To Top