Белгија воведе задолжителен карантин за заразените со мајмунски сипаници: Изолација од 21 ден, вирусот регистриран во 12 земји

Белгија стана првата земја која воведе задолжителен 21-дневен карантин за лицата кои се позитивни на вирусот на мајмунски сипаници кој е регистриран во 12 земји.
Здравствените власти на Белгија соопштија дека сите заразени ќе мора да се изолираат на 3 недели, откако во земјата беа регистрирани 3 случаи на мајмунски сипаници. Се верува дека извор на заразата е фестивал во Антверпен.
Ретката вирусна инфекција со која луѓето обично се заразуваат во тропските области на западна и централна Африка, може да се пренесе преку многу близок контакт со заразено лице.
Симптомите се обично благи, а повеќето пациенти закрепнуваат во рок од неколку недели без лекување. Меѓутоа, болеста може да се покаже фатална бидејќи сојот кој ја предизвикува моменталната епидемија убива 1 од 100 заразени.
Болеста која за првпат е откриена кај мајмуни, може да се пренесува од лице на лице преку близок физички контакт, како и сексуален однос.
Според последните податоци на Светската здравствена организација, вирусот е регистриран во Австралија, Белгија, Канада, Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија, Португалија, Шведска, Велика Британија и САД со вкупно 92 потврдени случаи.
