Новости

Свет

Вакцинирањето против ковид-19 од денеска е задолжително во Австрија и ќе биде на сила до јануари 2024

Вакцинирањето против ковид-19 од денеска е задолжително во Австрија за сите лица со 18 и повеќе години и таа е прва држава во Европа која воведе вака строга мерка. Австриската влада кажа дека вакцинирањето е делотворно во борбата против сериозна болест и дека овој закон е потребен за да се избегнат идни затворања на земјата.

„Владата е многу свесна дека ова е навистина строга и тешка мерка. Ние сме политичари и имаме одговорност да го осигураме функционирањето на здравствениот систем, а општеството во целина да живее нормално“, изјави министерката за ЕУ и устав Каролине Едштадлер.

Таа сепак признава дека задолжителното вакцинирање претставува мешање во човековите права.

„Но, во овој случај, мешањето е оправдано. Мора да завршиме со пандемијата и знаеме дека вакцинирањето е единствениот излез“, додаде таа.

Задолжителното вакцинирање ќе биде на сила до јануари 2024, но би можело да заврши и порано, во зависност од текот на пандемијата. Иако законот денеска стапи на сила, властите нема да го проверуваат вакциналниот статус на луѓето до средина на март.

Оние кои ќе одбијат да се вакцинираат ќе се соочат со казни од 600 до 3.600 евра. Исклучок ќе бидат трудниците и лицата кои не смеат да се вакцинираат од медицински причини.

Околу 72% Австријци се целосно вакцинирани, со што земјата доста заостанува зад другите западноевропски држави.

Евротип
SNBROKER
To Top