Новости

Свет

Данска алармира: Гас од „Северен тек 2“ истекува во Балтичкото Море

Гасоводот, кој требаше да го удвои волуменот на гас што тече од Санкт Петербург под Балтичкото Море до Германија, беше завршен и наполнет со 300 милиони кубни метри гас, кога Германија ја откажа употребата, неколку дена пред рускиот напад врз Украина

Данските власти ги предупредија бродовите да ги избегнуваат водите околу островот Борнхолм во Балтичкото Море, во радиус од пет наутички милји, поради истекување гас од гасоводот „Северен тек 2“, а пад на притисокот е забележан и во „Северен тек 1“.

Германската влада соопшти дека е во контакт со данските власти и дека работи со локалните истражни органи за да открие што довело до ненадеен пад на притисокот во гасоводот, пренесува Ројтерс.

Протекувањето од „Северен тек 2“ вчера се случило на данска територија, објави данската Агенција за енергетика.

Предупредување упатија и шведските поморски власти, кои изјавија дека има оштетувања на „Северен тек“ и дека пловидбата е опасна поради истекување гас во Балтичкото Море во близина на островот Борнхолм.

Операторот со „Северен тек 2“ наведува дека притисокот во гасоводот во текот на ноќта паднал од 105 на седум бари.

Гасоводот, кој требаше да го удвои волуменот на гас што тече од Санкт Петербург под Балтичкото Море до Германија, беше завршен и наполнет со 300 милиони кубни метри гас, кога Германија ја откажа употребата, неколку дена пред рускиот напад врз Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин, на средината на овој месец, на самитот на Шангајската организација за соработка во узбекистанскиот град Самарканд, рече дека ако Европската Унија сака повеќе гас треба да ги укине санкциите што го спречуваат отворањето на гасоводот „Северен тек 2“.

Евротип
SNBROKER
To Top