Новости

Свет

Научници: Бурата што го погоди Пекинг не беше песочна, туку нешто полошо (ВИДЕО)

Бурата што го покри Пекинг пред неколку дена со кафено-портокалова боја не била песочна, туку била бура од прашина.

Ова може да звучи како незначителна разлика што им е важна само на геолозите, но големината на честичките игра голема улога врз здравјето на луѓето.

Честичките од песок се поголеми од 0,06 микрометри во дијаметар, а честичките од прашина се помали, полесни и можат да патуваат многу, многу подалеку. Ветерот нема лесно да го раздува песокот на растојанија од стотици километри, додека прашината многу полесно се шири низ целиот свет.

Честички помали од 10 микрометри, а особено оние помали од 2,5 микрометри, претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето, бидејќи тие се доволно мали за да завршат во нашите бели дробови.

Што ги предизвикува денешните бури од прашина – дали е тоа природен процес или можеби е резултат на климатските промени?

„Одговорот е сложен и веројатно е комбинација од неколку фактори“, вели геологот Мет Телфер од Универзитетот во Плимут за списанието „Конверзација“.

Во една неодамнешна студија, научниците анализираа до кој степен различните социјални системи во Кина, како и климатските промени, влијаеја на фреквенцијата на бури од прашина во последните 2.000 години. Откриле дека зголемувањето на бројот на бури се совпаѓа со зголемувањето на населението и зајакнувањето на азиските монсуни.

Друг фактор што влијае на појава на бури од прашина е од природно потекло. На пример, ретко населената депресија Бодела во Сахара е најголемиот извор на атмосферска прашина во светот, и покрај нејзината скромна големина. Причината за ова се сувите пустински услови и блиските планини што го насочуваат ветерот во областа.

Бурите од прашина, исто така, имаат позитивна улога. Имено, тие превезуваат клучни минерални хранливи состојки до океанот, како што е железото, па затоа понекогаш се нарекуваат ѓубриво за океанскиот фитопланктон.

Евротип
Евротип
To Top