Новости

Свет

Нови правила: Ако сакате да патувате во Германија мора да се регистрирате пред одење

За земјите со особено голем број на заболени лица по глава на жител, меѓу кои е и нашата, или со мутации – од недела важат построги правила за влез во Германија. Контролата се спроведува на германските граници и аеродроми.

За да ја заштити Германија од увоз на нови случаи на болеста, сојузната влада класифицираше значително повеќе земји во области со висок ризик отколку порано, пренесува „Дојче веле“. Новина е списокот на земји во кои т.н. седумдневна инциденцијаа е повеќе од 200 новозаразени на 100.000 жители неделно (Германија во моментов: 111).

Меѓу другото сега сите патници кои доаѓаат или се враќаат во Германија, потребно е да се регистрираат преку интернет пред да влезат во земјата. Патниците од ризични области, земји или региони со инциденција над 50 мора да се тестираат не подоцна од 48 часа – по влегувањето во Германија.

Според германското Министерство за внатрешни работи, тестовите систематски се проверуваат на аеродромите и пристаништата. Особено, летовите од таканаречените области со висок ризик се „доследно проверувани“ – проверени директно во авионот и пред пасошка контрола. Покрај тестовите, се контролира и дали патниците ги пополниле формуларите за апликација.

Во пограничните области со другите земји на ЕУ и Швајцарија, патниците се проверуваат по случаен избор. Според федералната полиција, дополнителните мерки служат за идентификување на патници кои мора веднаш да бидат испратени во карантин.

Во принцип, сите патници кои влегуваат или се враќаат во Германија и кои биле во областа на ризик (категории од 1 до 3) во последните десет дена пред влезот, треба да поминат десетдневен карантин. Карантинот може да се скрати само по пет дена, ако се направи друг тест и е негативен.

Правилата за карантин се одговорност на сојузните покраини и затоа може да се разликуваат. Деловните патувања генерално се ослободени од карантин.

 

 

 

 

 

 

 

Извор: Нова Македонија

GOLD
To Top