Новости

Свет

Од утре Русија повторно испорачува гас кон Европа, не се знае колку

Испораките на руски гас за Германија ќе бидат повторно воспоставени утре преку гасоводот Северен тек, каде што завршуваат работите за одржување, потврди вечерва германскиот оператор Гаскад.

Сепак, сè уште нема точен одговор на клучното прашање, а тоа е за количеството гас што ќе помине низ Северниот тек.

„Испораката на гас преку Северниот тек ќе биде на нивото на кое беше пред поправката, а тоа е околу 40 отсто од капацитетот на гасоводот“, најави германскиот оператор.

Шефот на германскиот енергетски регулатор Клаус Мулер денеска изјави дека транспортот на 800 гигават часови гас е нарачан за 21 јули, предупредувајќи, сепак, дека количината може да се смени до утре.

Но, на Твитер, по новите податоци, тој напиша дека во четврток испораката на руски гас преку Северен тек може да изнесува само 30 отсто од капацитетот на гасоводот.

Рускиот снабдувач на гас Газпром на 11 јули ја прекина испораката поради редовното годишно одржување на гасоводот, а еден месец претходно ги намали испораките за Германија за 60 отсто, поради доцнењето на турбината што требаше да ја сервисира германскиот Сименс.

Сименс ја испорача турбината во фабрика во Канада, но Отава ја блокираше испораката на турбината по сервисот бидејќи воведе санкции кон Гаспром поради руската инвазија на Украина. По еден месец преговори со Германија, Канада, заклучувајќи дека не се кршат санкциите, реши да ја врати турбината и покрај протестите на Украина.

Северен тек 1 е најголемата директна руска рута за снабдување на Европа со гас.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно денеска изјави дека гасоводот би можел повторно да биде во функција утре, но дека доколку Русија не ја добие турбината што недостасува, таа ќе работи со само 20 отсто капацитет. Тој истакна дека втората турбина ја чека ремонт на крајот на овој месец.

Евротип
SNBROKER
To Top